Според најновите истражувања, луѓето кои имаат навика да стануваат наутро порано се поздрави. Според истите овие истражувања луѓето кои на спиење одат покасно и не стануваат рано, можат да се соочат со низа на здравствени проблеми.
Резултатите од овие истражувања ги потврдија информациите од поранешни научни трудови, кои открија дека „ноќните птици“ се изложени на ризик од прерана смрт, психолошки пореметувања и болести на органите за дишење.
Социјален замор
Се мачите да заспиете и само еден момент подоцна, алармот насилно ве извлекува од кревет. До крајот на работната недела сте целосно преморени и викендот го користите за да ги надополните пропуштените часови за спиење.
Ова звучи доста познато, но овие навики се знак дека не спиете доволно и страдате од „социјален замор“.
Ова е израз кој се користи кога се зборува за разликата помеѓу количината на сонот во текот на работната недела и количината на сонот за време на викендот, кога сме слободни и можеме да одиме во кревет кога ќе посакаме.
Сепак, со ваквите навики се зголемуваат и бројни здравствени ризици, како ризик од кардиоваскуларни болести и проблеми со метаболизмот.
Билогија на човечкото тело
Како „ноќните птици“ треба да се изборат со ова?
Дали треба да се жртвува спиењето во текот на викендот и да стануваат рано, за овој тип на луѓе да можат да се навикнат на рано будење и во текот на работната недела?
„Тоа е најлошата работа која можете да ја направите“, смета професорот Тил Ронеберг од Институтот за медицинска психологија во минхенскиот универзитет Лудвиг-Максимилијан.
И покрај тоа што недоволното спиење во текот на работната недела, како што споменавме погоре, може да доведе до бројни здравствени ризици, сепак доктор Ронеберг смета дека будењето и времето на легнување е всушност дел од билогијата на човековото тело.
Ронеберг смета дека станува збор за ген, според кој некои луѓе едноставно не можат да заспијат порано.
Така, не постојат само луѓе кои стануваат рано и „ноќни птици“, туку и многу други различни групи на луѓе кои можат да се поделат врз основа на тоа како функционира нивниот биолошки часовник.
На биолошкиот часовник влијае и времето на излегување и заоѓање на сонцето.
Тоа влијае на периодот кога ќе почнете да се чувствувате поспано, што е главен проблем за ноќните птици, кои и покрај заоѓањето на сонцето, поради гените, тие се подложни на покасно легнување во кревет.
Како да се пронајде идеално решение?
Научниците сметаат дека работодавците, училиштата и целото општество треба да работат на тоа да им се помогне на луѓето кои подоцна си легнуваат.
Според нив, работодавците би требало на вработените да им дозволат да го бираат работното време врз основа на нивниот биолошки часовник.
Професорот Ронеберг смета дека општеството има за цел да го подобри работното опкружување кое е потполно неусогласено со обрасците за спиење.
„Ова е проблем на цело општество, потребно е повеќе природно светло во зградите и помалку сино светло на кое сме изложени од екраните“, вели тој.