На 22.01.2020 година пред ординацијата на Д-р Вјолце Мбјара затекнавме известување дека ординацијата е преселена во друга општина, во населбата Сингелиќ. Ординацијата на Д-р Вјолце во Шуто Оризари моментално е затворена, информираат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
-Го прашуваме министерот за здравство, Венко Филипче, дали има предвидено решение за овој горлив проблем? Дали е склучен нов договор со друг гинеколог кој што ќе работи во самата општина? Доколку нема, предупредуваме за несаканите последици врз репродуктивното здравје на жените Ромки. Исто така потсетуваме дека доенечката смртност кај ромската популација е значително повисока во однос на неромското население, се наведува во нивното соопштение.
Жените од оваа Иницијатива апелираат до надлежните институции-Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија да изнајдат решение со цел да се надмине овој долгогодишен проблем.
-Како и сите жени, така и ние, жените Ромки, имаме право на еднаков и непречен пристап до услуги за репродуктивно здравје, велат овие жени.