Десет респираторни машни резервирани од страна на Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), во координација со Министерството за здравство беа доставени и распределени на девет болници низ земјава.
Универзитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби доби две нови респираторни машини, а по една машина беше доставена до Градската општа болница „8 Септември“ и Универзитетската Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување. По една респираторна машина беше доставена до болниците во Кочани, Кавадарци, Прилеп, Тетово, Штип и Битола, соопштија од УНДП.
Во време на огромен пораст на глобалната побарувачка за респираторни машини и наддавање меѓу земјите, како што се посочува, УНДП резервираше илјада респираторни машини за земји во развој од кои десет беа резервирани за потребите на Република Северна Македонија во борбата против епидемијата на коронавирусот.
Новите респираторни машини ќе ги зголемат капацитетите на болниците за третман на пациентите со КОВИД-19 кои имаат особено тешка клиничка слика, што ќе помогне во намалувањето на смртноста и во ублажувањето на последиците од епидемијата. Производителот на машините со модел Ventilator-Model VG7O е кинеската компанија Beijing Aeonmed Co., Ltd. Квалитетот на овој модел е проверен и потврден од СЗО, УНДП и Министерството за здравство, потенцираат од УНДП.
Постојаната претставничка на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан и министерот за здравство Венко Филипче, посочија од УНДП, одржаа состанок на кои разговараа за оваа иницијатива, како и за понатамошната соработка меѓу во борбата против епидемијата на коронавирусот.
Министерот Филипче изрази благодарност за досегашната соработка, додека постојаната претставничка Сахакјан ја потврди заложбата на УНДП за поддршка на земјата во справувањето со епидемијата преку долгорочна соработка за зајакнување на капацитетите и опоравување од кризата предизвикана од Ковид-19.
Глобално, УНДП соработува со СЗО и агенциите на Обединетите нации во спроведување на интегриран пристап преку кои им помага на 170 земји и територии во справувањето со и опоравувањето од пандемијата. Интегрираниот пристап вклучува три компоненти: подготовка (зајакнување на здравствени системи), одговор (забавување на ширењето на вирусот) и опоравување (ублажување на социоекономските последици). УНДП ги мобилизираше сите ресурси за надминување на овој досега невиден предизвик, а сите критични процеси на организацијата се водат преку дигитални и виртуелни платформи со цел непречено функционирање во време на мерки за ограничување на движење и препораки за намалена физичка интеракција, стои во соопштението.