Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајче Димков на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати прашања од кои едното се однесуваше за лицата со инвалидитет кои имаат потреба од ортопедски помагала и второто прашање се однесуваше на тоа до каде е процесот со деинституционализација?
Имено Димков кажа дека оваа влада не дава конкретни решенија за надминувања на проблемите, а истите се со голем предизвик за заедницата со попреченост. Тој потсети и дека и самиот комитет при ОН за правата на лицата со попреченост ни укажува дека трошокот за партиципација за ортопедските и други помагала за мобилност ги прави недостапни за лицата со попреченост односно е премногу висока цената.
-Со оглед на вашите одговори дали кога ФЗО нема склучено договор со ортопедските куќи истите сами ја дефинираат цената на чинење и кој во таков случај прави контрола во креирањето на цената на чинење за ортопедските помагала. Исто така се отвара прашањето за квалитетот на ортопедските помагала во случајот ортопедските чевли , а за кои и самите корисници се незадоволни и со оглед на фактот што во изминативе години владата нема склучено договор за ортопедски чевли, дали лицата кои досега го платиле целиот износ ќе им се рефундира од страна на ФЗО, истакна Димков.
Тој во своето обраќање во однос на одговорот на прашањето за деинституционализација порача дека остануваат доста неодговорени прашања. Имено важен е и фактот дека законот за социјална заштита не е донесен во консултација со организациите на лица со попреченост и за истиот има доста забелешки од самите организации и лица, и посочуваат дека не е усогласен со конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
-Сега го започнувате процесот, кој ако го читаме низ конвенцијата воопшто не наликува на деинституционализацијата, туку наликува на ре-алокација и тоа е верувајте сериозен проблем. Исто така како ја обезбедивте согласноста од лицата со попреченост да бидат дислоцирани од тие институции. Како ви е обезбедено правото на избор и контрола на негователите и персоналните асистенти од страна на корисниците. Дали вашиот ваков брз процес нема да ги донесе до реинституционализација земајќи ги примерите од нашето минато, запраша Димков.
Димков упати пратеничко прашање до владата што е планирано со лицата кои не сакаат да излезат од Бања Банско, дали има предвидено мерки и активности за подигнување на самодовербата и критичката мисла кај овие лица за независен живот пред да се дислоцираат од иституциите.
-Ова е сериозен проблем, мораме да ги почитуваме човековите права, впрочем се обврзуваме со конвенцијата и мислам дека треба да се дигне на едно повисоко ниво за овие лица, додаде Димков.