Кабинетот за рентген се поплавил пред месеци и наместо санација досега е направена само проценка на штетата.
Жителите на Драчево и околните населени места пет месеци се без кабинет за рентген снимање поради што се принудени да патуваат до другите поликлиники во Скопје за секоја потреба да се направи снимка. Кабинетот во поликлиниката Драчево бил поплавен и се уште се санира.
– Зошто да патуваме 40 километри кога може здравствената услуга да ја добиеме тука. За пет месеци нова болница ќе се направеше, а не да се поправи еден кабинет. И не е едно одење до Јане Сандански или Бит Пазар. Еднаш одиш за снимање, а после неколку дена за резултати. Малтретирање без потреба – вели жител на населбата Драчево.
Покрај Драчево, оваа поликлиника ги опслужува и пациентите од околните населени места како Пинтија, Зелениково, Моране каде вкупно живееат неколку десетици илјади луѓе.
До пред неколку месеци во оваа поликлиника имало кабинет за уво, нос и грло, но сега и тој е затворен.
– Наместо оваа поликлиника да е како мала болница и тука да завршуваме се што е поврзано со испитување и дијагностика, со сила не тераат да одиме по другите поликлиники – реагираат жителите на Драчево.
Од Здравствен дом Скопје објаснуваат декан кабинетот за радиодијагностика во моментот не е во функција поради поголема настаната штета од поплава.
„Потребни се поголеми реконструкциски интервенции како на апаратот за радиографија на скелет така и на целокупниот работен простор. Извршена е проценка од осигурителната компанија со што е увидено дека се работи за поголема материјална штета во целиот кабинет за која е потребно подолг временски период за санација. По завршената санација на просторот и комплетно сервисирање на апаратот, ќе започнеме со постапка за мерење на амбиенталното зрачење во работните простории од овластената установа, како би ја добиле дозволата за понатамошно функционирање на рентген кабинетот“, велат од Здравствениот дом
Оттаму не даваат одговор на прашање кога ќе може повторно пациентите да одат на рентген снимање во поликлиниката во Драчево. Раководството на поликлиниката вели дека кабинетот за ОРЛ во поликлиника бил во функција со специјалисти по оториноларингологија од друга институција, односно од Клиниката за уво, нос и грло до крајот на месец декември 2019 година.
И ФЗО го затвори и истурениот шалтер
Драчевци се лути и на Фондот за здравствено осигурување бидејќи го затвори истурениот шалтер.
– За обична заверка мора да оди до центарот на Скопје, наместо да ни ги направат услугите подостапни, вака ги комплицираат – реагираат драчевци.
Од ФЗО објаснуваат дека истурениот шалтер во Драчево го затвориле поради малиот број на осигуреници кои ги користеа услугите на истурениот шалтер во Драчево.