„Сите ние пријатели на бебињата, биди и ти”, е мотото на кампањата на Клиниката за гинекологија во Скопје. Преку телефонски броеви на мобилните оператори секој граѓанин може да донира пари за работата на оваа болница финансирана од буџетот. Од болницата велат дека парите ќе бидат употребени за доопремување. Од понеделникот сметката на Гинеколошко-акушерската клиника е блокирана за 410.000 евра по основ на тужбени барања од семејства кои биле оштетени.
Се работи за случај од 2008 година кога неколку бебиња останале слепи поради ненавремено дијагностицирање на ретинопатија. Тогаш одговорните велеа дека немало протокол за посета на очен лекар на новороденчиња.
Во однос на кампањата за донации и негативните реакции на родители по социјалните мрежи од Клиниката за гинекологија и акушерство соопштија дека клиниката собира донации преку специјални телефонски линии и дека здравјето на пациентите не е загрозено.
„Донаторската кампања е започната уште на 17 Ноември 2017-та година, на Светскиот ден на предвреме родените бебиња и ќе трае до ноември годинава. Потенцираме дека собраните средства ќе бидат наменети за набавка на нова опрема. Клиниката за гинекологија и акушерство има обврска на операторите, каде што се слеваат донациите, да им приложи фактури и извештаи за купената опрема.
Со донациите од хуманите граѓани, општествено одговорните компании или од заинтересирани поединци, Клиниката за гинекологија и акушерство ја обезбедува потребната медицинска опрема, чијашто набавка со расположливиот буџет би се одвивала можеби со позабавено темпо“, соопштија од ГАК.
Коментарите по социјалните мрежи се сведуваа на тоа дека не е етички да се бараат пари од граѓаните за јавна здравствена установа, финансирана од буџет, од граѓаните на Република Македонија.