Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров заработи кривична пријава од Управата за финансиска полиција бидејќи во 2011 не ја активирал банкарската гаранција на хрватски Конструктор кој доцнел со реконструкцијата и доградбата на неколку здравствени установи. Покрај Тодоров, за несовесно работење во службата пријава има и за раководител во проектната единица кој бил задолжен за реализација на проектот.

– Првопријавениот  како министер за здравство и второпријавениот  како одговорно лице на проектот имале обврска да ги почитуваат законските прописи и процедури, согласно склучениот договор, да ја следат реализацијата на проектот, да постапуваат согласно правата и обврските во договорот, да ги почитуваат условите и роковите наведени во договорот, како и да го следат текот на изведбата и сите настанати проблеми во градежно – занаетчиските работи на објектите, а притоа да ги почитуваат позитивните законски прописи и да се грижат за имотот и Буџетот на Министерството за здравство на Р.Македонија, стои во соопштението од финансиската полиција.

Поради прекршување на рокот за изведување и неквалитетното извршување на веќе извршените работи, во 2012 Министерството за здравство го раскинал договорот со хрватската фирма и склучиле договори со други изведувачи. Според образложението од финансиската полиција, со неактивирање на гаранцијата, пријавените го оштетиле буџетот за 62.000 евра.

Кривичната пријава од финансиската полиција се однесува на договори склучени од страна на Министерството за здравство во 2010 година кога Тодоров не беше министер за здравство. Постапката за јавна набавка била за градежни активности на болниците во Куманово, Кочани и Крива Паланка.