Сајбер насилството погодува 50 отсто од средношколците во Македонија, а половина од нив поради страв не го пријавуваат, покажа истражувањето на „Аналитика“ тинк-тенк.

Под работниот наслов „Дигитализацијата и сајбер безбедноста, сегашноста и иднината на учениците” денеска Аналитика тинк-тенк ги презентираше резултатите од анализата за состојбата со сајбер безбедноста во образовниот систем во Македонија.

Тамара Мијовиќ Спасова, извршен директор на „Аналитика“ го отвори денешниот настан потенцирајќи дека социјалниот живот на младите е префрлен на социјалните мрежи, но тие во голема мера не се свесни за ризиците на интернет како cajбер булингот, споделување на приватни податоци, како и дека еднаш објавена содржина на интернет останува засекогаш во сајбер просторот.

Маја Христовска од „Аналитика“ ги презентираше резултатите од истражувањето.

Сајбер насилството погодува 50% од средношколците во Македонија, додека 39,1% од анкетираните се соочиле со сајбер насилство повеќе од двапати. Најголем дел од учениците односно 65,5% се изјаснуваат дека имаат потреба од доедукација за сајбер безбедност, бидејќи сметаат дека немаат доволно знаење за заштита од хакерски напади и пробивање на личните податоци. Загрижувачки 28,5% од оние кои се соочиле со сајбер насилство не го пријавиле, што укажува на распространет страв меѓу жртвите“, вели Христовска.

Според Спасова, ваква реалност, станува императив учениците да ги опремиме со знаење и вештини за безбедна навигација низ дигиталниот свет.

„Проектот за сајбер булинг е посебен пред се поради фактот што преку него директно се обучија 50 ученици и 15 професори со техники и вештини за безбедно користење на интернетот и другите дигитални технологии како и за спроведување на иновативни програми во училиштата фокусирани на сајбер безбедноста на младите. Ваквиот пристап на директна комуникација и едукација на сите чинители во образовниот процес се покажа како многу ефективен.

Затоа за училиштата поддршката од градоначалниците и нивните иницијативи кои се насочени кон борбата против сајбер насилството е клучна за заштита на нашата младина. Ако сакаме да постигнеме вистински напредок во ова, од суштинско значење се континуираните работилници, обуки за препознавање и заштита од сајбер нападите, изјави Спасова.

Меѓуврсничкото насилство започнува уште во основните училишта. Затоа „Аналитика“ публикуваше прирачник за сајбер безбедност наменет за наставниот кадар, учениците и родителите како и мобилна апликација со едукативен и информативен карактер од областа на сајбер безбедноста која е веќе поставена на Play Store. Локалните самоуправи се неминовна алка во целиот процес на заштита од сајбер булинг.

Градоначалникот на Општина Центар и директорот на ООУ „Браќа Рамиз“ од Шуто Оризари зборуваа што се презема во основните училишта во овие општини со цел да се заштитат децата од оваа појава.

Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар смета дека овие појави бараат сериозен пристап од повеќе страни но најпрво од дома и стручните соработници во училиштата.

Борбата со булингот мора да биде заедничка и единствено како таква ќе се намали и спречи. Во сите осум наши училишта особено изминатата година имавме навистина многу работилници, обуки и предавања од психолози, педагози, претставници од Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и неколку невладини организации со цел учениците да го препознаат булингот, а наставниците и стручниот кадар да научат како да постапат за да го спречат“, изјави Герасимовски.

Алвин Салимовски, директор на ООУ „Браќа Рамиз“ потенцираше дека бројките од истражувањето кое го направи „Аналитика“ тинк тенк се разочарувачки и затоа заштитата на учениците од потенцијалните ризици е исклучително важна.

Од обуките кои се реализираа во нашето училиште се забележува дека учениците и не се толку не информирани, обучувачите практично работеа директно на нивните мобилни телефони и им кажаа какви заштита треба да стават и беа изненадени дел од ученците веќе имаат заштита. Но сепак недостасува континуирана обука не само за учениците туку и на наставници за препознавање на сајбер безбедноста“, рече Салимовски.

Емилија Петрушевска, педагог во ООУ „Шаип Јусуф“, смета дека наставниот кадар има потреба од континуирани обуки но и од надворешни стручни лица кои ќе допринесат во постојното усовршување на наставниците.

Во рамки на настанот се одржа форум Театар со учество на учениците од училиштата учесници во проектот. Истражувањето кое го презентираше Аналитика беше спроведено во август минатата година на репрезентативен примерок од 313 ученици од три училишта во град Скопје.

Проектот е поддржан од Фондација Отворено Општество Македонија и има за цел да ја процени примената на механизми и методи за сајбер безбедност кај младите и да идентификува колку учениците се информирани за опасностите кои постојат на сајбер просторот.