На Инфективната клиника во Скопје денеска биле тестирани уште две лица, еден кинески и еден македонски државјанин, но резултатите покажале дека немаат коронавирус
Негативни се резултатите и на двајцата македонски доктори кои денеска беа тестирани за коронавирус, информира министерот за здравство Венко Филипче.
Тие беа тестирани откако се вратиле од конгрес во Мадрид каде еден од предавачите бил заболен од коронавирусот. Двајцата доктори во земјава стигнале доцна во саботата, а вчера биле дома. По тестирањето им е пропишан здравствен надзор во домашен карантин од 14 дена.
Дополнително, денеска биле тестирани уште две лица, еден кинески и еден македонски државјанин, но се покажало дека немаат коронавирус.
„Кинескиот државјанин денеска пристигнал на скопскиот аеродром, но иако немал симптоми, службите на аердоромот го изолирале и веднаш го контактирале Институтот за јавно здравје, бидејќи е патник кој доаѓа од Кина. Македонскиот државјанин е наш студент во Италија. И тестовите на овие две лица се негативни на корона вирус.“
напиша министерот Филипче на својот профил на Фејсбук.
Засега единствен потврден случај на коронавирус во земјава останува педесетгодишната жена, која според Филипче е во добра состојба и е во рана фаза на заздравување.
Во изминатото деноноќие министерот вели нема нови лица што пријавиле симптоми, а за оние што се во домашна изолација, карантинот се одвива без проблеми и засега немаат знаци на коронавирус.