Стигматизација на децата, ризик од сиромаштија, нерешено станбено прашање, недостаток на институционална поддршка се секојдневните проблеми и предизвици низ кои веќе пет години поминуваат самохраната мајка од Битола, Јасна Николовска и нејзините две деца.

Судбината на Јасна ја делат околу 3.000 еднородителски семејства од Битола кои сега обединети во Здружение порачуваат дека не се рак на општеството, туку дел од сите. Новоформираното здружение е прво вакво надвор од Скопје и ги обединува еднородителските семејства не само од Битола, туку од поширокиот регион.

АД ССДП уште во 2011 година пушти во употреба станови за млади брачни парови и семејства со еден родител, но и по седум години нераспределени се 49 единици. Интерес има, велат од друштвото иако становите се продаваат по цена од 545 евра за метар квадратен, со 30 проценти учество и со рок на исплата од 15 години со каматна стапка до 4 проценти.

Според последните официјални податоци од пописот на населенито во 2002 година, во Македонија има скоро 40.000 домаќинства на еден родител со деца. Од нив, пак, 80 проценти ги сочинуваат еднородителски семејства со мајка, а двесете отсто со татко.