Со еден месец задоцнување поради кризата со коронавирусот, Европската Комисија денеска ја објави стратегијата „Од фарма до виљушка“ за поодржлив прехранбен систем во Европската Унија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Стратегијата “Од фарма до виљушка“ (Ф2Ф) предвидува, меѓу другото, намалување на употребата на пестициди и антибиотици за 50 отсто во земјоделската активност и постигнување на 25 отсто на земјоделско земјиште посветено на органскиот начин на производство на храна во ЕУ.

Европската Комисија се надева дека новите препораки за земјоделството и исхраната ќе овозможат транзицијата кон одржлив европски прехранбен систем кој ќе овозможи и безбедност на храната, и поздрава исхрана на европските граѓани.

За оваа цел земјоделците и рибарите ќе добијат посебна поддршка од заедничката земјоделска политика на ЕУ преку еко-фондови за транзиција кон поодржлив начин на практикување на нивната работа.

Истовремено, Комисијата денеска ја презентираше и својата стратегија за биодиверзитетот.

Соочена со огромен пад на природниот диверзитет и притисок од граѓанското општество за посмели мерки за зачувување на биодиверзитетот и климата, Европската Комисија денеска предлага да се воведат јасни цели за намалување на загадувањето на почвата и градење позелени градови.

ЕК смета дека до 2030, европските почви и мориња треба да бидат претворени во заштитени подрачја, а најмалку десет отсто од земјоделските подрачја да вратат висока стапка на биодиверзитет.

Дваесет милијарди евра се предвидени годишно за проекти за зачувување на биодиверзитетот преку ЕУ фондови, како и преку национални и приватни шеми на финансирање, истакна ЕК.

-Коронавирусот покажа колку сме ранливи и колку е важно да се врати рамнотежата помеѓу човечката активност и природата. Климатските промени и загубата на биодиверзитетот се јасни и претставуваат опасност за човештвото, изјави на прес конференција денеска Франс Тимерманс, потпретседател на ЕК задолжен за Зелениот договор.

Комесарката за здравство, Стела Кириакидес, додаде дека прехранбената стратегија презентирана денеска ќе направи позитивна разлика во начинот на кој се произведува и консумира храната во ЕУ.

-Ова е прилика да ги помириме нашите прехранбени системи со здравјето на нашата планета, да обезбедиме прехранбена сигурност и да ги исполниме барањата на Европејците за здрава, фер и еколошка исхрана, рече Кириакидес.

Граѓанските организации за заштита на животната средина меѓутоа оценија дека стратегијата не е доволно амбициозна, меѓу другото поради фактот што не посветува доволно внимание на намалувањето на консумацијата на месо.

Стратегијата сега треба да биде дебатирана и одобрена од Европскиот Парламент и од земјите членки.