По повеќе месечните консулатиции со претставници на граѓанските организации, целосно инклузивно и отворено ги прифативме забелешките на сите засегнати страни, како и препораките на меѓународните организации и Светската здравствена организација, со што се започнува со процедурата за измена на законот ставајќи го овој предлог закон во Единствениот Национален Електронски Регистар на Прописи на Република Македонија (ЕНЕР).
Од Министерството истакнуваат дека со измените на Законот се укинува задолжителното советување и чекање од 3 дена, како и задолжително формирање на Комисија до 22-рата гестациска недела од бременоста.
Со промената на Законот се посочува од министерството дека повеќе внимание се обрнува на жената, нејзината волја ќе биде на прво место, освен тоа ќе се укинат постојните административни процедури/бариери за спроведување на постапката за безбеден абортус. На жената ќе и се даваат комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата. Одлуката за прекин на бременост ќе може да ја донесе пациентката свесно, без принуда од било кого, како и да и`се даде поддршка на пациентката, без било какво искажување на осуда или обвинување од страна на здравствените работници.
-Практиката на примена на важечкиот Закон за прекинување на бременоста покажа проблеми со постојните административни процедури/бариери со што се ограничува пристапот до и спроведување на постапката за безбеден абортус и остварување на правото на жените за спроведување на безбеден абортус.