Во услови кога Светската здравствена организација (СЗО) објави епидемија на коронавирусот, а државите ширум светот се борат да го запрат ширењето на вирусот COVID-19 се наметнува прашањето колку здравствените власти кај нас се подготвени да се соочат со предизвикот наречен Корона вирус? Има ли капацитет македонскиот здравствен систем за тоа?
Во таа насока уште подискутабилно е дали министерството за здравство може да изнајде соодветно решение за згрижување на болните, но во исто време и за заштита на медицинскиот персонал од чудото кое ги убива и белите мантили.
Министерот Филипче, покрај препораките за заштита од Корона вирус од СЗО, излезе во јавноста со изјава дека Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип ќе биде место за карантин во кој ќе бидат сместени евентуалните заразени патници од Корона вирусот, а во зависност од тоа колку луѓе ќе треба да се опсервираат, освен во Клиничката болница во Штип, подготвени ќе бидат и болниците во Велес и во Гостивар. Оваа идеја ни од далеку не е соодветно решение, затоа што ниту технички, ниту инфраструктурно овие болници немаат услови за згрижување на заболени, потенцијални болни и сомнителни болни од Корона вирусот.
Нејасно е според кој критериум е направен изборот, но јасно е дека здравствените власти не размислуваат рационално и со овој потег се загрозува здравјето на граѓаните.
Освен тоа, болниците немаат достојни услови за згрижување и третман на болните. И штипската и велешката болница располагаат само со по тројца инфектолози.
Болниците се соочуваат со недостиг на респираторни машини, немаат вентилациони сали, а речиси кај 20% од заболените со COVID-19 е потребна хоспитализација на интензивна нега, со механичка вентилација која трае во просек 30 денови. Од друга страна, болниците во Велес и во Гостивар немаат централен довод на кислород.
Проблемот со недостигот на антивирусна терапија со кој се соочуваат болниците е јавна тајна, но и уште еден прашалник кој треба да го одговори министерство за здравство кое најитно мора да направи ревидирање на буџетот и пренамена на средства за полесно справување со проблематиката која не демне.
Факт е дека овие болници немаат услови да бидат место за карантин! Затоа подобро да спречиме отколку да лечиме, како што вели старата македонска поговорка. За да спречиме потребни се ригорозни, превентивни мерки и принципиелно, строго следење и спроведување на препораките од Светската здравствена организација.
Токму и во таа насока министерството мора експедитивно да реагира какви други мерки ќе спроведе да ги заштити граѓаните и вработените во здравствените установи. Дали е доволно само ограничување на влезот во земјава за граѓани кои доаѓаат од кризните подрачја преку аеродромите и граничните премини или ограничувањето треба да се прошири и да се засили контролата? Има ли доволна количина на заштитни маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека?
Со оглед на степенот на сериозноста на вирусот, најитно е потребно да се подигне степенот на подготвеност за превенција и справување со евентуални заболени од корона вирусот. Со засилена медиумска кампања потребна е дополнителна едукација и подигнување на свеста кај граѓаните граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита:
• Да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни;
• Да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете после секоја подготовка на храна. При подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат;
• Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема;
• Да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни.
• Задолжително и често миење на раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол;
• Заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката. По употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.
Но најважно од се, секако е односот и ставот на министерството за здравство и министерот Венко Филипче за да не бидат тие корона вирус за македонскиот здравствен систем.