Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) посочи дека во моментов нема „итна потреба“ за дополнителна доза вакцина против Ковид-19 кај општата популација.  Во техничката белешка ЕЦДЦ препорачува дополнителни дози или „засилувачи“ за луѓе со ослабен имунолошки систем, во согласност со ставот на СЗО.

– Според сегашните сознанија, нема итна потреба да се администрираат дополнителни дози за целосно вакцинирани лица, приоритет е да се вакцинираат оние кои не ја завршиле вакцинацијата, се вели во соопштението на ЕЦДЦ.

Но, „дополнителните дози за луѓе со сериозно ослабен имунолошки систем треба да се земат предвид како дел од нивната вакцинација доколку не постигнале доволно ниво на заштита“, додаде европската агенција со седиште во Стокхолм, во која има претставници на околу 30 земји, вклучително и 27 членки на ЕУ.

Во контекст на ширењето на делта варијантата, неколку земји одлучија или размислуваат за дополнителни дози, најчесто за луѓе со кревко здравје, но и за целата популација.

– Сите вакцини одобрени во ЕУ штитат од хоспитализација и тешки форми на Ковид-19, додека секое трето лице на возраст над 18 години се уште не е целосно вакцинирано“, нагласува ЕЦДЦ.