Започна вакцинацијата против сезонскиот грип, граѓани се вакцинираат и бесплатно преку „Мој термин“, но и приватно, на свој трошок. Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Бесим Зеќири во изјава за медиумите рече дека од утринските часови имало пациенти коишто се вакцинирани преку „Мој термин“, како и одредена група, приватно.
– Ние имаме вакцини на залиха од производителот „Пастер“ од Франција по цена од 700 денари, имаме и вакцини обезбедени преку Министерството за здравство, кои одат преку „Мој термин“. Приватни вакцини имаме 1.500 дози. Од Министерството за здравство, вакцини аплицираме толку дози, колку што има термини преку „Мој термин“, појасни Зеќири.
Доколку лицето има настинка, температура или слично, тој советуваше да се одложи вакцинирањето.
– Ова е најдобриот период, крајот на октомври – почетокот на ноември, почнуваме точно на време. Во зимскиот период се очекува поголем број заболени, ние сме точно на време затоа што треба две до четири недели да реагира вакцината, односно да се разбуди имуниот одговор за организмот да биде заштитен, истакна Зеќири.
Тој апелираше и до здравствените работници, но и до останатите граѓани, сите да се вакцинираат затоа што инфлуенцата, или грипот, како што посочи, претставува најголем проблем за јавното здравство и во однос на морбидитетот и во однос на морталитетот, значи и во однос на бројот на заболувања и во однос на смртни исходи, особено во зимскиот период. Најдобар начин за справување со овие предизвици, како што додаде, е вакцинацијата.