Новиот министер за здравство, Илир Демири во интервју за радио Слободна Европа посочува дека до изборот на нова влада ќе работи исклучиво за непречено функционирање на здравствениот систем.

Ако постизборно ја добие довербата да продолжи да раководи со министерството, вели дека ќе понуди јасна програма и визија за здравството и Клиничкиот центар.

Во интервјутот беше прашан кога може да се очекуваат оние 1.117 вработувања кои се потребни? Имате ли генерална слика колку здравствени работници се потребни во системот?

„За жал, не можам да ви кажам точна бројка бидејќи не располагам со нив. Но, можам да кажам дека е одобрен буџет и комплетно е завршена процедурата за вработување на преку 1.000 работници. Бидејќи влегуваме во изборен процес, а според законот е недозволено вработување, тогаш се става во мирување. После изборите ќе се процесуира за да може да се вработат. Секој директор на секоја здравствена институција треба да има проекција за тоа колку работници му требаат“ рече Демири.