Инспекторите од Министерството за труд и социјална политика проверуваат дали децата во градинките се вакцинирани. Досега не констатирале посериозни пропусти во досиејата. Иако, најголем број од заболените со голема кашлица се деца од предучилишна возраст, сепак велат, состојбата е стабилна, во градинките не е забележан случај на пертусис.
„Согласно Законот за заштита на децата, секоја предучилишна установа е должна доколку има поголем број заболени деца веднаш да ги исконтактира Општината, Министерството за здравство и надлежната здравствена установа. Откако има појава на голема кашлица, таква дојава од предучилишна установа немаме“, вели Јорданка Николовска, инспектор во Министерството за труд и социјална политика.
Освен што се бара родителите да достават медицински потврди за вакциналниот статус, невакцинираните деца не ги враќаат, бидејќи градинките немаат добиено никакво известување од надлежните институции.
Во училиштата стигнаа пораки – сите ученици кои не се имунизирани да ги примат пропуштените вакцини. Од настава нема да бидат вратени, затоа што образовниот процес е задолжителен, исто како што и вакцинацијата е законска обврска.
„Нашата обврска е да го побараме и да го добиеме вакциналниот картон за да можеме да го запишеме детето во прво одделение. Доколку родителите не сакаат да ги вакцинираат децата или имаат некоја одредена причина, треба да донесат потврда од доктор дека нивното дете не треба да биде вакцинирано“, вели Соња Киркова, директорка на ОУ „Кирил и Методиј“.
Пред повеќе од десет дена Центарот за јавно здравје прогласи епидемија на голема кашлица на територија на Град Скопје. Намалениот опфат на имунизација е главната причина за појавата на болеста – велат епидемиолозите.
„Пертусисот се појави прво во западните земји, имаше голема епидемија во Данска, а потоа се прошири и во другите земји. Пред воведувањето на вакцината имало по 3,4 или 5 илјади случаи годишно на пертусис, од 10 до 20 смртни случаи, но со воведувањето на вакцината бројот на случаи се намалува на 100, 200, 300. Во последните 20 години регистрираме само спорадични случаи на пертусис, а последниот смртен случај е регистриран во 2001-ва година“, изјави Кристина Ставридис – Институт за јавно здравје.
Во главниот град повеќе од четири илјади деца не се имунизирани против голема кашлица, но бројката е поголема бидејќи службите од Карпош, Кисела Вода и Центар не доставиле податоци за невакцинирани.
Од почетокот на годината во земјава регистрирани се повеќе од 40 заболени со голема кашлица – меѓу нив има и вакцинирани. Дел се на болничко лекување.