Тим на дефектолози при Посебното основно училиште – ПОУ „Маца Овчарова“ од Велес под водство на дефектологот Зага Колодезни веќе 19 години преку едукативни предавања, проекти со драмски, ликовни работилници и колонии, културни и спортски настани за децата со посебни потреби, во соработка и другарување со другите ученици од редовни училишта, нивните родители, наставници, стручните служби и со учество на граѓани постојано работи на социјална инклузија на лицата со попреченост во општеството. Како што потенцира Зага Колодезни нивна континуирана и макотрпна насока е чекор напред во подигнување на инклузивата култура меѓу населението во земјата.
Со ликовни работилници и колонии до социјална инклузија Во просториите на здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ во Велес тимот дефектолози на ПОУ „Маца Овчарова“ под раководство на дефектологот Зага Колодезни ова лето во рамките на проектот „Ликовен инклузивен караван“ одржаа неколку ликовни работилници на кои учествуваа десет деца од редовните и пет деца од ПОУ „Маца Овчарова“ . Колодезни појаснува дека на овие работилници под менторство на ликовните педагози Елена Димова Пантелиќ и Драганчо Таневски, како и нејзините колешки дефектолози Марија Давчевска и Живка Панова Саздова, учесниците се запознале за творење со техниките сликање со акварел, водени и акрилни бои. Воедно изработувале и експонати со графичката техника, монотипии и моделирале форми и експонати со глина и гипс.
– Целта на проектот е подобрување на социјалната инклузија на деца и млади со попреченост на возраст од 13 до 15 години преку ликовно творење со нивни врсници со нормален развој, потенцира Колодезни. Децата со посебни потреби со неверојатен талент за творење и желба за другарување Според дефектологот Колодезни, преку овие ликовни работилници и колонии се подобрува социјалната инклузија во општеството на лицата со посебни потреби. Во детското одмаралиште „Мајски цвет“ во Струга од 13 до 18 јули годинава се одржа првата инклузивна ликовна колонија насловена „Езерски убавини“ на која учествуваа петнаесет велешки основци, десет од редовните основни и пет деца од Посебното основно училиште „Маца Овчарова“. Целта на проектот насловен „Ликовен инклузивен караван“, а во чии рамки се одржа и оваа ликовна колонија во Струга, е подобрување на социјалната инклузија на деца и млади со попреченост на возраст од 13 до 15 години преку ликовно творење заедно со нивни врсници од редовните основни училишта, со меѓусебно запознавање и другарување.
– Од моето 19 годишно искуство и секојдневниот контакт со оваа група на ученици, оценувам дека овие деца и млади имаат неверојатен талент и уште поголема мотивираност за творење, желба за другарување и потреба за самодокажување, вели Колодезни. Целта на проектот е преку ликовното творештво да се запознаат децата од редовните со децата од посебното училиште и меѓусебно да другаруваат.