Една од најголемите зеленчукови градини на Блаканскиот полуостров-Струмичката се соочува со намалено производство. Од сите градинарски култури само зелката не потфрлува, додека доматите, краставиците, пиперките и други култури на отворено и под пластеници драстично потфрлуваат со родот.
Според земјоделските стручњаци најголемо влијание врз намалувањето на земјоделското производство имаат климатските промени, кои не ја заобиколуваат ниту Македонија, а во струмичкиот регион се манифестираат како микро климатски промени.
- Сведоци сме дека секоја година, а посебно оваа, од почетокот на пролетта, имаме нагли промени на временските услови. Тоа особено е видливо од големите температурни амплитуди меѓу денот и ноќта. Имаме чудна метереолошка состојба во која температурите во текот на ноќта и утрината се многу ниски, а преку денот се искачуваат и над 30 степени Целзиусови. Кога на сето тоа ќе се додадат и интензивните врнежи од дожд, проследени со град, тогаш штетите се големи, вели д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија.
Додава дека во повеќе региони во државата штетите се големи, посебно кај долгогодишните овошни насади. Градот предизвикал толкави оштетувања што производителите немаат можност да добијат приноси ниту наредната година.
И кај градинарските култури состојбата е исто така лоша.
- Температурните разлики во фазата на цветање и плодообразувањето, како и обилните врнежи, посебно кај пиперката од сортата „куртовска капија“ или попозната како „ајварка“ и од која се очекуваа добри приноси, предизвикаа големи штети, додава д-р Ристо Вучков.
Според него штети ќе има кај житните култури. Во фаза кога треба да се жнее, комбајните не можат да влезат во нивите, а зрелиот клас поради големата влажност се рони и голем дел од приносот може да заврши на тлото.
- Лошите и непредвидливи временски услови влијаат растенијата да ја изгубат отпорноста на болести и затоа болеста „пламеница“ се појавува на места каде има големи штети на посевите, односно каде е засадена виновата лоза. Покрај „пламеницата“ се појавува и „пепелницата“, а тука е и „ботритисот“, кој ќе предизвика големи штети, смета д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија.
Климатските промени го празнат џебот на земјоделците
Последиците од климатските промени земјоделците најмногу ги чувствуваат на својот џеб.
- За разлика од порано сега посветуваме повеќе внимание на заштитата и трошиме пари за купување на најразлични препарати. За нивната примена ретко се конслултираме со стручни лица или изборот оставаме да го направат земјоделските аптеки, велат земјоделци од Струмичко.
Глобалните климатски промени ја променија и структурата на одгледуваните земјоделски култури во струмичкото поле. Повеќе не се произведуваат некогашните сорти на пиперки, туку се заменуваат со поиздржливи.
- Порано пиперката од сортата „златен медал“ се одгледуваше на отворено. Сега климатските услови не дозволуваат да се сади на отворено. Пиперките нема да пораснат или воопшто нема да врзат род и затоа оваа пиперка се избегнува да се сади. Сега се оди на некои хибриди, ама тие го немаат вкусот на „златниот медал“, велат повеќе производители на пиперки во Струмичко.
Интересно е размислувањето на Данаил Паланков, успешен земјоделец од селото Муртино.
- Болестите и штетниците дефинитивно ги имаме секоја година и тоа се повеќе и повеќе, бидејќи почнаа масовно да се подигаат пластеници и при тоа голем дел од болестите и штетниците презимуваат во тие пластеници, бидејќи ретко се отвораат. На крајот на август целото поле се чистеше и пластениците се отстрануваа, а дождовите и снегот ја дезинфицираа почвата и затоа од штетниците најмногу страдаше „куртовската капија“, смета земјоделецот Михаил Паланков.
Сепак, според него, добро е што пиперката „ајварка“ успеа да се спаси од целосно изумирање и почна да се сади во пластеници. Таа многу малку се сади на отворено, иако климатските промени најмногу ја погодуваат неа.
- Треба да бидеш вистински мајстор да произведеш пиперка на отворена и треба земјоделецот да биде задоволен ако успее да има принос од 2-3 тони од еден декар, смета Паланков.
Болестите од климатските промени се третираат без науката
Експертите се со став дека глобалните климатски промени создаваат нови болести кај земјоделските култури, кои досега малку се познати за науката. Од тоа не е имуно ниту македонското земјоделско производство, кое во последните години е изложено на нови болести.
Покрај тоа, земјоделските производители не се едуцирани како да ја намалат употребата на пестицидите, колку време треба да помине од последното прскање до бербата, како да се намали безобзирната употреба на минералните ѓубрива и да стекнат основни знаења за производството. Секако во тоа голема улога имаат и инстутициите кои треба да му помагаат на земјоделецот, но тие многу малку се присутни на терен.
- Нема регион каде новите болести не се присутни. Но, нивните проучувања се на почеток и мислам дека ако не им се посвети поголемо внимание во догледно време ќе предизвикаат уште поголеми штети во нашето земјоделско производство, смета д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.
Земјоделците се уште се двоумат како да се спротивстават на климатските промени-дали со примена на нови агротехнички мерки или да ги променат културите и да преминат на некој друг вид производство поотпорно на наглите климатски промени.
- Мора да размислуваме како да ги амортизираме ефектите од климатските промени. Дали тоа ќе го направиме со засенчување на посевите, поставување мрежи и следење на временските услови, односно напуштање на досегашниот начин на работа и производство или пак да почнеме да одгледуваме други култури кои се отпорни на климатските промени, вели Ристо Велков, земјоделец од село Василево.
Неговото мислење го дели и Данаил Паланков, кој смета дека не само земјоделците, туку и државата треба сериозно да размислува како да се заштити земјоделското производство од климатските промени.
- Дали ќе се размислува за поставување мрежи или пластеници на површините на отворено или ќе се применува некоја нова технологија зависи од нас, но и од надлежните институции. Покрај тоа, треба да се вратат во употреба противградобијните ракети и државата да размислува за основање на некој фонд за заштита на посевите, смета Паланков.
Климатските промени го „јадат“ и буџетот
За 2017 година од буџетот на Република Македонија се исплатени околу 4,5 милиони евра за штетите предизвикани од невреме и при тоа се поднесени 17.800 барања.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при неодамнешната посета на струмичкиот регион истакна дека осигурувањето на земјоделското производство е посебна тема на која Министерството е фокусирано и има среднорочна и долгорочна стратегија, кои се презентирани пред земјоделците и осигурителните компании.
Рече дека владата преку реосигурителната компанија „Европа Ере“, која е формирана на регионално ниво, а во која владата има основачки влог, од следната година ќе се користат финасиските инструменти на оваа дополнителна поддршка која ќе доаѓа преку оваа реосигурителна компанија.
- Тоа значи дека земјоделците ќе добиваат дополнително обесштетување во сите региони каде приносот ќе падне под одредена граница. Трета мерка која се разгледува е системот на воведување на сосема нов автоматизиран компјутерски центар и мапирање на сите точки во државата каде треба да инсталираме антиградобијна опрема, додаде министерот Николовски.
Според него експертите лоцирале вкупно 181 точки каде треба да ги има тие системи и техничката документација за нив е подготвена. Паралелно со тоа од страна на ресорното министерство се инсталирани три агрометереолошки станици во Струмица, Кочани и Градско, а следната година ќе се зголеми нивниот број.
Во изминативе години во Струмичкиот регион годишно се произведуваа над 250 милиони килограми најразлични раноградинарски производи. Според земјоделците, годинава вкупното производство е намалено меѓу 30 и 40 отсто во споредба со лани и изминатите години.