Доколку наутро тешко се будите и се чувствувате уморно без разлика на тоа колку сте спиеле, проблемот веројатно лежи во времето кога сте легнале да спиете. Според зборовите на д-р Чарлс Пуза, времето на одење во кревет е клучно за поминување низ сите важни фази на сонот.

Во видеото што го сподели со своите 811.000 следбеници на Инстаграм, дерматологот кој студирал на универзитетите Харвард и Дјук откри едноставна формула за пресметување на „совршеното“ време за спиење, што ќе ви помогне да поминете низ максимален број циклуси на спиење.

Циклусите на спиење се состојат од четири фази кои прогресивно стануваат подлабоки. Четвртата и најважна фаза на сонот е REM (брзо движење на очите). Таа е клучна за емоционалната обработка и когнитивните функции, а исто така е фазата во која најчесто сонувате. Секој циклус на спиење трае околу 90 минути, но ако алармот ве разбуди во најкритичниот момент, може да ја пропуштите фазата на спиење што најмногу ви користи. Стручњаците велат дека идеално време за будење е на крајот од целосен циклус или на самиот почеток на нов циклус.

На здрав возрасен човек му се потребни околу седум до девет часа сон во текот на ноќта. Тоа значи дека личноста поминува низ пет или шест циклуси на спиење по ноќ. Д-р Пуза вели дека првиот чекор во пронаоѓањето на совршеното време за спиење е да изберете дали сакате да имате пет или шест циклуси на спиење, во зависност од тоа што е реално за вас. Потоа, предлага да додадете 15 минути за да си дозволите време да заспиете.

„Ако сакате пет циклуси, тоа е седум часа и 45 минути, а шест циклуси се девет часа и 15 минути. На пример, ако треба да станете за работа во 7 часот, едноставно одземете го бројот на циклуси (пет или шест) и вашето идеално време за спиење ќе биде 21:45 или 23:15“, вели тој.

Сепак, според коментарите, на многумина најголем проблем им е да заспијат.

„Лежам со часови во кревет пред конечно да заспијам, без разлика на тоа колку сум уморен. Да заспијам за 15 минути би било вистинско чудо“, прокоментирал еден корисник на Инстаграм.

Д-р Пуза истакнува дека квалитетниот сон е клучен за забавување на стареењето, опоравување на мускулите, помнењето и здравјето на мозокот. Хроничниот недостаток на сон го зголемува ризикот од дебелина, срцеви заболувања и дијабетес тип 2, покажуваат бројни студии.

Несоницата може да биде предизвикана од стрес, анксиозност, алкохол, кофеин или никотин, бучава, работа во смени и временска разлика. Доколку редовно имате проблеми со спиењето, постојат едноставни начини да ја подобрите хигиената на спиење. Ова вклучува одржување на редовен распоред за спиење, останување активен во текот на денот и создавање мирна атмосфера за спиење.