Зголемување од 10 отсто на паричната маса наменета за покачување на платите во здравството е договорено со анекс на Колективниот договор за здравствена дејност на средбата меѓу Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар – Скопје и Владата.

Порастот на платите ќе почне да се применува од ноември, за што работна група со претставници од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување ќе работи на усогласување на анексот. Задоволни се синдикатите, но што е многу важно, задоволни се и медицинските сестри.

Ексклузивно за КУРИР говореше Гордана Бешлиовска, претседателката на Унија на здруженија на медицински сестри предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас.“

-Ова е нешто кое Унијата на медицински сестри со години го бара и зборува, дека мораше поместување на коефициентите да се направи, посебно кај сестрите со средна стручна спрема, па и на сите сестри линеарно во целокупниот здравствен систем. Сосема е во ред одлуката затоа што ова е еден од начините и методите со кои би се супримирал одливот и незадоволството на некој начин би се ублажило, рече таа.

Таа вели дека медицинските сестри имаат и други проблеми, но покачувањето на платите ќе го реши големото незадоволство од личните доходи.

-До сега имавме ситуација во која сестрите со средна стручна спрема беа далеку под нивоата на платите на сестрите со високо образование и специјалистички студии, а да не зборувам за докторите. Многу пати искачавме со податоци и сме кажувале дека ако колективниот договор предвидува регулатива во која не смее исплатата да биде поголема во сооднос 1:2 на медицинските сестри и на лекарите, кај нас имавме ситуација во која тој сооднос е 1:4. Ние никогаш не велевме дека не сакаме докторите да имаат повисоки плати, нека имаат, но соодносот да биде рамноправен, рече Бешлиовска.

-Кај сестрите со средна стручна спрема ќе имаме во овој момент 15 % покачување, кај  сестрите со високо образование 8-10%, а кај докторите 3-5%, во март ќе биде тоа дополнето со 7 % покачување. Коефициентите и бројките ги оставаме на синдикатите, рече Бешлиовска.