Со реализирани 242,83 проценти на годишниот план за крводарување, според освоените резултати, општинската организација на Црвен крст (ООЦК)-Велес е лидер на хуманоста во Македонија. Од бројните крводарители во општините Велес, Градско и Чашка лани биле собрани вкупно 4.459 крвни единици, со што планот од 1861 крвна единица бил натфрлен за 242,83 проценти.

– Ова признание е резултат на хуманоста на бројните крводарители од Велес, Чашка и Градско кои самоиницијативно, доброволно, а некои и по неколкупати се јавиле во Службата за трансфузиологија во Велес да даруваат крв – потенцира секретарот на ООЦК-Велес, Орце Николов.

Тој појасни дека за ова признание заслужни се и вработените во оваа служба со која имаат долгогодишна успешна соработка.

Во 2018 година во континуитет, како и во претходните години, акции за доброволно дарување крв беа изведени во фирми, јавни институции и средни училишта во Велес и месните организации на ООЦК-Велес, во Чашка и Градско.

Од почетокот на годинава се изведоа две успешни акции за доброволно дарување, првата во Велес, а втората во Чашка.