Домашната супа со кнедли од гриз е добар избор во текот на целата година. Сепак, не сите се вешти во подготовка на вкусни кнедли. Овој едноставен рецепт ќе им помогне дури и на оние кои не се баш вешти во подготовката на домашни супи.
Имено, пред да го подготвите, важно е да знаете неколку трикови кои ќе помогнат вашите кнедли да не се распаѓаат и да останат меки. Кога станува збор за нивниот вкус, текстурата на смесата е клучна. Не треба да претерувате, но ниту да ја намалите количината на гриз.
Дополнително, важно е и како ќе ги додадете во супата бидејќи температурата игра важна улога во подготовката.
Состојки:
едно јајце
осум рамни лажици пченкарен гриз
четири лажици сончогледово масло
прстофат сол
Подготовка:
За почеток изматете го јајцето со прстофат сол, па додадете четири лажици масло и повторно изматете. Потоа, постепено додавајте осум лажици пченкарен гриз и мешајте додека не добиете изедначена смеса.
Смесата треба да отстои неколку минути за да се згусне. Во меѓувреме, загрејте ја супата до степен на зовривање, но да не зоврие.
Потопете една лажичка во супата, а потоа извадете мали количини од смесата и нежно испуштете ги во супата. Пред секое вадење кредлиод смесата задолжително потопете ја лажицата со супата за полесно да се одвојат. Исто така, внимавајте на количината на смесата што ја додавате бидејќи гризот ќе набабри за време на готвењето.
Кнедлите во супата треба да се готват на тивок оган околу пет минути, а потоа да се исклучи огнот, да се покрие тенџерето и да се остават неколку минути. Така кнедлите ќе останат помеки и повоздушести.