Се повеќе и почесто во нашата држава се говори за стапката на миграција односно иселување. Причините за иселување на македонските граѓани се многубројни. Младите заминуваат поради неможноста за вработување и немањето финансиска перспектива која е на ниво на степенот на нивната едукација. Останатите заминуваат бидејќи нивните најблиски веќе си заминале и не гледаат причина зошто да останат во рамките на државата. Миграцијата и лошиот квалитет на живот се причина младите брачни парови да го одложуваат времето на формирање семејство со што Македонија станува земја на стари луѓе, а многу добро знаеме дека младите се иднината и движечката сила на општеството.

Пратеникот Антонио Милошоски од собраниската говорница истакна дека статистичките податоци во однос на иселувањето од Македонија се застрашувачки, бројките велат дека Македонците се евакуираат од нашата држава. Бројките покажуваат, посочи тој, дека само минатата година од Република Македонија во државите од ЕУ се иселиле 1,2 проценти од популацијата, односно во апсолутни бројќи 24 илјади граѓани.

И бидејќи разговараме за труд и социјална политика и евиденција од областа на трудот, јас би се согласил со мојот претходен колега говорниk кој ги истакна бројките кои што се фрапантни особено за Република Македонија, но и за целиот регион. За жал дури и во регионот Македонија може да се смета за рекордер во иселувањето надвор од државата. Ќе земам две земји за пример и двете земји не се членки на ЕУ, Македонија и Србија и според податоците кои што ги имавме од истражувачката европска агенција на оваа тема, минатата година само во Европската Унија од Македонија се иселиле 24 илјади граѓани, додека од Србија се иселиле 52 илјади граѓани во земјите членки на ЕУ. Што значи тоа во проценти? Тоа во проценти значи дека од Србија се иселиле 0,65 проценти од населението минатата година, а од Македонија се иселиле 1,2 проценти минатата година. Тоа значи дека состојбата во Македонија споредено со Србија е дупло полоша и е алармантна, вели Милошоски.

Немањето на стратегија за задржување на населението во рамките на нашата држава е уште една работа за која граѓаните и замеруваат на постоечката влада. Тие посочуваат дека сериозноста на овој проблем е голема и стравуваат дека стапката на миграција ќе биде уште поголема ако владата не преземе мерки за унапредување  и мотивирање на општеството по основ вработување, поквалитетно образование, плати соодветни на степенот на едукација, и сл. До кога само ќе се говори за проблемите, а решение ќе нема?