Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ја посети Универзитетската Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот по повод отворањето на Центар за справување и третман на обезност, односно дебелина.
– Обезноста е сериозен светски здравствен проблем и има загрижувачки тренд на пораст во светот и кај нас. Потребно е да постои еден ваков интегриран центар во кој ќе се упатуваат овие пациенти за третман. Токму поради тоа и ние во нашата земја ќе имаме референтен центар за дијагностицирање и третирање на дебелината, посочи министерот Меџити при посетата на клиниката.
На Клиниката, како што рече, има едуцирани ендокринолози кои секојдневно ќе работат со оваа проблематика.
– Едукација за здрави хигиено-диететски навики е потребна од најрана возраст, во градинките, основните и средните училишта. Многу е важно да се отстрани стигмата за овие лица за да можта и самите тие да ја прифатат болеста и успешно да се справуваат со сите предизвици кои ги носи третманот, нагласи министерот за здравство.
Директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот Арѓент Муча нагласи дека овој Центар е особено значаен за пациентите, за лицата кои живеат со овој проблем кој, како што рече, од ден на ден се повеќе расте. Информира дека во Центарот ќе работи и дипломиран нутриционист кој ќе им помага на пацитетите во однос на едукација и совети за физичка активност.
Муча соопшти дека во Центарот ќе се третираат пациентите, ќе се прави скрининг и за други коморбидитети и ризик фактори, ќе се обезбеди соодветен фармаколошки третман кај овие пациенти ако тоа биде потребно.
Претседателот на Здружението за обезност (здебеленост) Ирфан Ахмети изјави дека ова е втор центар за менаџирање на дебелината, кој ќе биде регистриран и во Европската асоцијација за дебелина, каде се носат значајни препораки, одлуки за тоа како понатаму ќе се одвива стратегијата во менаџирање на обезноста.
– Обезноста зазема пандемиски размери во цел свест. И кај нас дебелината е во голем обем. Загрижувачки е дека обезноста исто така расте и кај млади, адолесценти…, рече Ахмети.nТој информира дека по отворањето на првиот центар од ваков тип и по прегледани околу 400 пациенти, просекот на возраст на обезни (здебелени) лица од категорија од трета класа на обезност е 40 години. Нагласи дека обезноста е посебен проблем поради тоа што е причинител за многу заболувања, како ендокрини, така и кардиоваскуларни, како и од психолошки аспект.
Ахмети потенцира дека е многу важно на време да се третираат ваквите пациенти и со добра здравствена политика, како што рече, да инвестираме во третманот на обезноста со цел да спречиме вакви компликации. Нагласи дека ќе се направи и регистар за лицата со обезност, кои понатаму ќе се следат.