Дваесеттина воспитувачки и негувателки од двете струшки градинки кои со години се ангажирани со договор на дело, од следниот месец нема да одат на работа во знак на протест. Велат дека работат за 10.000 денари месечно без здравствено и пензиско осигурување. Бараат итно решавање на статусот, да добијат редовно вработување или минимална плата со здравствено осигурување.

„Работиме со договор на дело, земаме до 10.000 денари. Од први февруари ни кажаа дека платата ќе ни биде 5.000 ден. Немаме никакво осигурување, ни здравствено. Овој проблем е со години, ја известивме и Општината, ги бараме нашите права но немаме никаков успех“, вели Даниела Јуловска, негувателка ангажирана со договор во градинка во Струга.

„Се пријавуваме во Завод како невработени, што е бесмислено. Групите се многу големи, кај нас конкретно во јасли оваа година имаме по 28-29 деца, што е навистина енормна бројка и капацитетот на вработените е намален. Кај нас треба да се зголемува, а не да работиме за смешни плати“, вели Весна Маркоски, воспитувачка ангажирана со договор на дело.

Вработените во градинките велат дека има недостиг на персонал и ако не се најде решение, градот ќе се соочи со проблем за згрижување на децата.

„Мојата група ќе остане без негувателка, со 28 запишани деца треба да работам сама. А што со оние групи кои немаат ниту еден со решение, тие треба всушност да се затворат и да ги вратиме децата од први февруари да не доаѓаат во градинка“, вели Симонка Јаканоска, редовно вработена во градинката „Пеперутка“ во Струга.

Во април лани било поднесено барање за вработувња во струшките градинки, но било одбиено од Министерството за туд и социјални работи.