Нервози, доцнење, расправии, се секојдневието на жителите на скопските населби Пржино и Црниче во општина Кисела Вода. Тие се жалат дека не можат да си ги завршат секојдневните обврски поради постојаните проблеми со линијата број 16 на ЈСП, пишуваат медиумите.

  • Откако ја преместија автобуската постојка, се направи хаос. Автобусите се нередовни, постојано доцнат, а се случува и воопшто да не дојдат. Ми се има случено повеќепати, наутро, да чекам автобус кој е најавен на возниот ред, но тој не доаѓа. Не сакам да зборувам за гужвите во автобус или пак фактот дека во летниот период возењето во автобус е еднакво на седење во сауна, коментира граѓанин и корисник на јавниот превоз.

И граѓани од други населби исто така ги забележуваат овие пропусти на ЈСП кои ги оставаат патниците извисени на постојките. Велат и на линиите кои сообраќаат кон населбата Лисиче со броевите 7, 27 и 33 неретко се случува воопшто да не помине автобус кој го има во распоредот на ЈСП, па заради тоа тие доцнат на работа, на состаноци и за да завршат разни обврски…

Слична неорганизираност и хаос со линиите на ЈСП се случува и со ноќните линии кога на информативните табли на постојките стои дека за одредено време ќе дојде автобус, но тој знае и воопшто да не се појави, или пак да дојде цели 15-20 минути порано.