Описното оценување на децата до шесто одделение во основните училишта предизвикува незадоволство кај дел од учениците и родителите, кои сметаат дека на овој начин не се вреднува вистински работата на децата.
Децата реагираат бидејќи сметаат дека иако учат и покажуваат добри резултати во текот на годината, не добиваат оценки на тромесечјата и на некој начин нивниот труд не е вреднуван соодветно, а ја губат и волјата да се докажуваат меѓусебно. И некои од родителите сметаат дека токму оценките во текот на полугодијата се она што ги мотивира децата да се подобрат во областите каде што се послаби, а дека на тој начин и тие како родители имаат подобар увид како напредува нивното дете.
Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека описното оценување е во согласност со закон и дека секој родител може од наставникот да добие точна информација за оценката што ја добило неговото дете по некој предмет, но дека за тоа треба почесто да оди во училиште.
– Подобро е да добиваме оценки бидејќи така знаеме дали ни се сите петки или не. Има деца што си играат на час, не ја слушаат наставничката, постојано се буткаат, а има и такви што си играат со мобилни телефони. И после пак сите имаме петки – вели ученичка од шесто одделение од едно скопско основно училиште.
Родителите се жалат дека не се во можност постојано да одат во училиште и да проверуваат каков е успехот на нивното дете, но дека би било добро кога тоа исто дете би дошло дома и би им кажало дека по некој предмет добило тројка, двојка или петка.
– Знам дека е потребно родителот постојано да следи како напредува неговото дете во училиште. Но секој не е во можност да го прави тоа во континуитет. Повеќето имаме работно време што се движи меѓу 9 и 17 часот, дури понекогаш не стигнуваме ниту на родителска да отидеме поради термините. Затоа сметам дека е подобро да има оценки, детето ќе ми каже „денес добив тројка по природни науки, петка по англиски, или, пак, четворка по математика“. Така имам претстава каде да го засилиме учењето. Барем во наше време беше така, сега не ми е јасен овој концепт – вели Огнен Петровски, родител на основец.
Тој додава дека со описното оценување дури и родителите стануваат полежерни и помалку се ангажираат околу децата.
– Ни даваат описни оценки во досиејата на нашите деца, ги потпишуваме, а сигурен сум дека многумина и не ги читаат целосно овие документи. Кога е сè претставено описно, не гледаме слаби оценки и реално многу не се грижиме како напредуваат децата, знаејќи дека и следното тримесечје ќе дојдат исти или слични констатации во досието – нагласува Петровски.