Прво, заборавете сѐ што мислевте дека знаете за подлогата, бидејќи со текот на времето препаратите и техниките во оваа област постојано се подобруваат. Најсовремените течни пудри се лесни како хидратантните кремови. Изборот на соодветната нијанса, како и нејзиното правилно нанесување, гарантираат беспрекорен изглед на кожата.
ЧЕКОР 1: ПРОНАЈДЕТЕ ЈА ИДЕАЛНАТА БОЈА
Нанесете малку течна пудра во линија на вилицата и проверете ја бојата на дневна светлина. Доколку се совпадне со околната кожа, без втривање, сте ја пронашле вистинската. Пронаоѓањето на соодветната нијанса е тешко поради неонското осветлување во продавниците. Замолете ја продавачката да ви помогне во тоа или земете неколку примероци и испробајте ги дома. Ако не постои можност за тоа, нанесете ја пудрата и излезете од продавницата за да ја проверите нијансата на дневна светлина.
Исто така, можете да ја земете со себе старата пудра од дома и да ја споредите со тестерите во продавницата.
ЧЕКОР 2: ПОДГОТВЕТЕ ЈА КОЖАТА
Кожата мора да биде совршено чиста и хидрирана пред шминкањето. По нанесување хидратантен крем, почекајте пет минути, а потоа втријте ја подлогата. Не мора да нанесете коректор, освен ако шминката треба да ви трае цел ден. Исто така, коректор можете да користите кога ве мрзи комплетно да се нашминкате, бидејќи е брз и ефикасен начин за прекривање на недостатоците на кожата. Инаку, коректорот ги намалува порите и го ублажува несаканиот сјај.
ЧЕКОР 3: ПРАВИЛНО ВТРИВАЊЕ НА ПОДЛОГАТА
Ако сакате незначително прекривање на кожата, најдобро е подлогата да ја втриете со прсти. За подобра покриеност на кожата, употребувајте козметичко сунѓерче. За секојдневна шминка, нанесете подлога само на местата на кои треба да покриете акни, црвенило или сјај. Кога станува збор за вечерна шминка, подлогата втријте ја во кожата на целото лице, вклучувајќи го и делот околу очите. Почнете од средишниот дел и одете кон периферните делови на лицето. Но немојте да претерате со количеството пудра, бидејќи би можеле да изгледате како кукла! Коректорот нанесете го со помала козметичка четкичка и прекријте ги темните делови околу очите.
Доколку не успеавте со подлогата да ги прекриете недостатоците на кожата, сторете го тоа со натапкување мало количество коректор на тие места.
ЧЕКОР 4: НАНЕСЕТЕ КОРЕКТОР ПО ПОДЛОГАТА
Ако го направите тоа пред да нанесете подлога, ризикувате да употребите поголемо количество од потребното. Освен тоа, течната пудра спречува појава на брчки што коректорот може да ги формира на кожата. Користете течен коректор една нијанса посветол од бојата на кожата.
ЧЕКОР 5: И ЗА КРАЈ – ТРАНСЛУЦЕНТНА ПУДРА
За разлика од поранешните мат-пудри, оваа пудра нема да му ја одземе живоста на вашето лице. Новите транслуцентни пудри содржат честички што ја одбиваат светлината (поради кои кожата блеска) и го неутрализираат природниот сјај (маснотијата). Нанесете ја со „W-потег” – почнете од линијата на растот на косата на едната страна од лицето, повлечете го со четкичка или со сунѓерче до јаболчниците, потоа преку носот, и повторно вратете се до линијата на растот на косата на другата половина од лицето.