Демографското стареење станува сериозен проблем во нашата држава. Причините за ваквата состојба се повеќе, почнувајќи од немањето средства за егзистенција, релативната невработеност, но и иселување на младите надвор од земјата.

Оваа година првиот бебешки плач во велешката болница се слушна утрово, нешто после 9 часот. Се роди Изабела, првото бебе во градот во новата година. На свет ја донесе нејзината мајка, 24 годишната Марија Иванова, на која ова и е второ дете.

Иако првото бебе се роди на вториот ден од новата година, персоналот од гинеколошко-акушерското одделение во велешката болница имал полни раце работа. На последниот ден од минатата година се родиле две бебиња, од кое второто, на десетина минути пред полноќ. Породувањето на Марија Иванова се случило со однапред закажан царски рез, вели доктор Силвија Богоевска.

Можеби тоа што Велес го доби првото новороденче на вториот ден од новата година не е показател, но наталитетот во градот драстично опаѓа. Минатата година во велешката болница се родиле 473 бебиња, или 32 помалку во однос на претходната, што е опаѓање за нешто над 6 проценти. Градоначлникот Коцевски вели дека е загрижен за негативниот тренд, но дека Велес не е искучок од целиот регион, во кој секоја година се раѓаат се помалку бебиња.

Пред дваесетина години бројот на новороденчиња во Велес за една година не паѓаше под илјада. Во однос на тие години, денес наталитетот е намален за речиси две третини. Како резултат на тоа, во Велес во последните петнаесеттина години се затворија две основни училишта.