Во нашиот регион кога се јаде лубеница најчесто се фрлаат нејзините семки, додека, на пример, во Тајланд се високо ценети и се важен прехранбен производ.
Луѓето таму со задоволство ги јадат, но се извезуваат и низ целиот свет – свежи, сушени или во прав. На пример, кесичка со малку повеќе од 100 грама сушени и сечкани семки за чај на интернет се продава околу 13 долари.
За да ги искористите придобивките од семките за вашето здравје и убавина, не е доволно само да ги голтнете цели додека јадете лубеница, бидејќи на тој начин тие само ќе поминат низ дигестивниот систем без да ги искористат нивните придобивки. Важно е да ги исечкате или изџвакате и така да ги јадете.
Можете да ги измелете во прав кој подоцна се додава во јадења, сокови… Или пак, да ги пржите на тава и да ги грицкате како закуска. Ако ги исушите и исечкате, ќе добиете одличен чај, пренесува „24сата.хр“.
Содржат важни аминокиселини
Тие содржат аргинин, лизин, глутаминска киселина, триптофан и други важни аминокиселини кои нашето тело не може да ги произведе самостојно. Тие се доста важни за нашиот организам, на пример аргининот го подобрува метаболизмот и го подобрува сексуалното здравје, како и здравјето на срцето.
Богати се со магнезиум, ликопен…
Сто грама семки од лубеница содржат 139 проценти од препорачаната дневна потреба за магнезиум. Тој е минерал важен за многу работи во нашето тело, вклучувајќи го и здравјето на кардиоваскуларниот систем и нормализирање на крвниот притисок.
Ликопенот е важен антиоксиданс, со кој изобилуваат и семките од лубеницата. Добро е за здравјето на срцето и за машката плодност. Тие исто така содржат многу витамини од групата Б, како што се ниацин, фолна киселина, пантотенска киселина, тиамин и рибофлавин.
Одлични се за убава кожа и коса
Грицкањето на овие семки ќе го подобри изгледот на вашата кожа, која ќе стане посветла, ќе изгледа поздраво и ќе старее побавно. Семките содржат масни киселини кои имаат способност да ја хидратираат, ја зајакнуваат и омекнуваат кожата и ја штитат од акни и други кожни проблеми.
Консумирањето на семките исто така ќе направи вашата коса да блесне – таа ќе стане поздрава, посилна и посјајна. Семките од лубеницата содржат и бакар, кој помага во производството на меланин, пигментот одговорен за бојата на кожата и косата.
Белиот дел од лубеницата е исто така здрав
Во белиот дел од лубеницата, кој е до самата кора и најчесто завршува во ѓубре, има изобилство од витамини Б6, Ц, А, магнезиум, цинк и калиум. Содржи и аминокиселина цитрулин, која е одлична за здравјето на срцето и крвните садови.