Промовирана е новата соработка помеѓу УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика во делот на детската заштита на настанот за промоција на ефикасноста и ефективноста на детската гаранција по примерот на земјите во Европската Унија. Европската детска гаранција е механизам на ЕУ за спречување на социјалното исклучување на децата на кои им е потребна преку гарантирање пристап до низа клучни основни социјални услуги. Детската гаранција има за цел да обезбеди пристап на ранливите деца до квалитетни услуги, односно да се одредат минимални пакети на услуги за секоја група на најранливи деца. Гаранцијата, која веќе е имплементирана во неколку земји во Европа, воведува иновативни пристапи за национално буџетирање, планирање и развој на национални акциони планови за намалување на детската сиромаштија и за справување со систематските неповолности за особено ранливите деца.

На настанот за промоција се обратија министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани.

Тренчевска на почетокот од своето обраќање ја изрази својата благодарност кон канцеларијата на УНИЦЕФ за поддршката која ја даваат на Министерството за труд и социјална политика особено во делот на детската заштита.

„Продолжуваме да се грижиме за оние кои се најмаргинализирани во општеството. Како Влада имаме инвестирано во 82 градинки и тоа не е само статистичка бројка, туку реално вклучување на децата во предучилишно воспитание и образование. Имајќи во предвид колку е големо влијанието на вклучување на децата во предучилишно образование и колку тоа покажува подобри резултати во образованието во иднина“, истакна Тренчевска.

Таа посочи дека покрај обезбедувањето на повеќе капацитети во градинките, Владата заедно со УНИЦЕФ работеше и на зајакнување на капацитетите на кадарот во градинките.

Тренчевска посочи дека досегашната успешна соработка доведе до моментот да се размислува и на спроведување на Европската детска гаранција во државата.

„Мојот тим и тимот на УНИЦЕФ долго работеше на ова прашање. Причината за да започнеме со оваа гаранција е глобалното зголемување на сиромаштијата. Наша цел е преземање на мерки во делот на детската сиромаштија. Важно е да посочиме дека не сме фокусирани само на материјална поддршка, туку и на доближување на социјалните услуги, обезбедување на квалитетно домување и квалитетна исхрана за сите деца“, рече Тренчевска.

Важноста на Европската детска гаранција за Република Северна Македонија во своето обраќање ја објасни претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

„Имплементацијата на Детската гаранција во Северна Македонија ќе спроведе и универзални и насочени интервенции за обезбедување социјална заштита, образование и здравствена заштита на најранливите деца, вклучително и децата на улица, децата принудени на рани бракови, децата погодени од миграцијата, и законски и врз основа на заедницата, во зависност од специфичниот контекст на детето и семејството“, рече ДиЏовани.

ДиЏовани истакна дека гаранцијата ќе им помогне на националните и локалните власти да го зајакнат управувањето со јавните финансии во однос на подобро планирање и буџетирање во однос на основните социјални услуги за ранливите деца во сферата на детската и социјалната заштита, здравствената заштита и образование.

„Гаранцијата ќе обезбеди секое дете да има пристап до квалитетно образование, здравствена заштита, благосостојба и заштита. Така секое дете ќе може да го достигне својот целосен потенцијал“, истакна претставничката на УНИЦЕФ.