Откриено е дека таканаречените „ковид бебиња“ имаат повеќе корисни микроби добиени од нивните мајки по раѓањето.

Карантинот во текот на пандемијата на ковид довел до две фасцинантни промени во телото на бебињата кои можеби ги заштитиле од болести и алергии, според новото истражување објавено во списанието „Алергија“.

Наодите објавени во „Алергија“, ги нагласуваат придобивките за здравјето на цревата како резултат на изолацијата во текот на ковид-19 вклучувајќи пониски стапки на инфекција, последователна употреба на антибиотици и продолжено траење на доењето.

Истражувачите од Универзитетот во Корк во Ирска откриле дека децата родени додека светот беше затворен поради ковид имале изменет цревен микробиом – екосистем од „добри“ и „лоши“ бактерии во цревата кои помагаат во варењето, ги уништуваат штетните бактерии и помагаат во контролата на имунолошкиот систем.

Откриено е дека микробиомот е подобар кај доенчињата, пренесува „Дејли мејл“.

Истражувачите веруваат дека таканаречените „ковид бебиња“ имаат помалку од очекуваните алергиски состојби како што се алергии на храна, во споредба со бебињата родени пред пандемијата. Исто така, за лекување на болеста им биле потребни помалку антибиотици.

Анализирани се 351 примерок на столица од бебиња родени во Ирска во првите три месеци од пандемијата, помеѓу март и мај 2020 година. Тие примероци биле споредени со оние од бебиња родени пред пандемијата.

Во истражувањето се користени онлајн прашалници за да се соберат информации за исхраната, домашната средина и здравјето. Примероците од столицата се собрани од деца на возраст од шест, 12 и 24 месеци, а тестирање за алергија е направено кај деца на возраст од 12 и 24 месеци.

Утврдено е дека „ковид бебињата“ имаат повеќе корисни микроби добиени од мајката по раѓањето, а таквите микроби може да дејствуваат како одбрана од алергии.

Ако поединци имаат нарушен цревен микробиом, тоа може да доведе до развој на алергии на храна.

Бебињата родени во текот на пандемијата имале пониски стапки на алергии: околу пет отсто од „ковид бебињата“ развиле некој вид на алергија на храна на возраст до една година, додека 22,8 отсто од бебињата родени пред пандемијата имале алергија на храна.

Истражувачите веруваат дека мајките им пренеле корисни микроби на своите бебиња во текот на бременоста, а тие добивале дополнителни микроби по раѓањето. Студијата открила дека бебињата родени за време на карантинот имале помалку инфекции, бидејќи не биле изложени на бактерии и микроби. Ова значело дека им требаат и помалку антибиотици, кои ги убиваат добрите бактерии, што автоматски води и до подобар микробиом на цревата.

Исто така, „ковид бебињата“ се доени подолго, што им давало дополнителни предности.

Од „ковид бебињата“, на само 17 отсто им биле потребни антибиотици до првата година од животот, додека дури 80 отсто од бебињата родени пред пандемијата земале антибиотици до првата година од животот.

Педијатарот, професор Џонатан Хурихан вели дека оваа студија нуди нова перспектива за влијанието на социјалната изолација во раниот живот на цревниот микробиом.

Истражувачите планираат повторно да ги тестираат децата кога ќе навршат пет години за да видат дали постојат долгорочни ефекти од раните промени во цревниот микробиом, пишува „Дејли мејл“.