Во присуство на Министерот за здравство на Македонија Венко Филипче, на Министерот за здравство од Република Бугарија Кирил Ананиев и првата дама во нашата земја Елизабета Георгиевска Пендаровска, денеска, во Општата болница во Охрид во употреба пуштен беше регионалниот центар за третман на деца со аутизам. Центарот на површина од 250 метри квадратни, кој има капацитет за 120 лица, располага со дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба, како и други потребни услови за работа на ангажираниот персонал
Ова е втор регионален центар во Охрид. Првиот беше отворен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“.
Многу ми е драго што денеска имам чест да присустувам на отворање и ставање во функција на центар кој што ќе се користи за третман на пациенти кои имаат проблем во развојот односно со аутизам и други болести. Морам да изразам голема благодарност и задоволство што овој проект се работеше со поддршка на бугарската влада и тамошмото Министерство за здравство и Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“. Центарот содржи се што е потребно за нормално функционирање во смисла на инфраструктура и кадар кои ќе работат со пациентите. – изјави министерот Филипче.
Министерот на здравство во владата на Бугарија Ананиев рече дека денеска е празник за сите бидејќи нема поблагодарна и похумана работа од помошта на пациенти.
Многу ми е мило што гледам толку голем број на луѓе на отворањето на центарот за третман на лица аутизам, АДХД и Аспергеров синдром. Денес е празник за сите бидејќи нема поблагадарно нешто од помагање на лица и деца на кои им е потребна. Бројот на лица со аутизам расте во светот и затоа сите мора да се сооединиме и да им овозможиме нормално функцирање. Нашата соработка со македонската влада нема да престане овде, туку ќе продолжи и понатаму за подобрување на условите во болниците. – истакна Ананиев.
Првата дама во нашата земја Елизабета Георгиевска Пендаровска им посака среќа и успешна работа на персоналот во регионалниот центар.
Просторот е преубав и прекрасно наместен, а амбиентот е фантастичен. Верувам во сите дека ова ќе биде успешна приказна и му посакувам многу среќа на целиот персонал кој ќе се грижи за пациентите. – рече Георгиевска Пендаровска.
Јавна благодарност до сите за успешната реализација на проектот од Здружението на граѓани „ВО МОЈОТ СВЕТ“ упати потпретседателот Весна Стојаноска.
На сите наши помагатели сакам јавно да им се заблагодарам. Големо благодарам за министрите за здравство од Македонија и Бугарија и првата дама во нашата земја кои останаа доследни на зборот и ја реализиравме идејата. – потенцираше Стојаноска.
Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство, кое ги отстапи просторите за користење во рамки на Општата Болница во Охрид и болницата Св. Еразмо. Реконструкцијата и опремувањето на центрите е финансирано од страна на змбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.