Пензионерот од Ниш Стојадин Митиќ (72) минатата недела преку социјалните мрежи соопшти дека продава бубрег поради долг за електрична енергија.

Во изјава за медиумите  Митиќ рече дека до денес веќе има добиено четири-пет понуди и дека сигурно ќе се согласи на некоја од нив, бидејќи, како што посочи, тоа е единствениот начин на своето семејство повторно му обезбеди струја, без која се повеќе од еден месец.

Според Митиќ, најдобрата понуда за бубрегот што ја добил во моментов изнесува 6.000 евра.

– Знам дека продажбата на органи во нашата земја не е дозволена, но јас и официјално ќе се пријавам како донатор. Мојата сопруга и ќерка се плашат поради мојата одлука, а јас сум свесен за ризикот, но не се откажувам. Потребата ме принуди на тоа – рече Митиќ.

Според зборовите на Митиќ, неговата пензија е 17.000 динари, а пензијата на неговата сопруга, тешко болна од астма, е 12.000 динари.

– За некое наводно неовластено трошење Електродистрибуција ми бара 177.000 динари, а повеќе од 200.000 динари се потребни за повторно да ме приклучат. Ги немам тие пари, а не сакам да дозволам мојата сопруга да остане без живот. Никогаш не се знае кога ќе ѝ притреба инхалатор, а како да го користи кога немаме струја? – рече Митиќ.

Од одделот за односи со јавноста на нишка Електродистрибуција за Бета рекле дека во случајот на Митиќ, кој во неколку наврати е исклучуван поради долг и е откриен во кражба на електрична енергија, целосно е почитуван законот и дури е овозможено долгот да го плати на рати.