Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска беше во посета на Универзитетската клиника за урологија по повод 500-та трансплантација на бубрег во јавното здравство.
Во декември успешно се изведе јубилејната трансплантација на бубрег кај 25-годишна пациентка која била во тешка состојба. Особено ми е драго што по оперативниот зафат и постоперативниот тек, денеска таа е во добра здравствена состојба и полека се враќа на секојдневните животни активности.
Упатувам огромни честитки до директорите на клиниката, до националниот координатор за трансплантација и целиот стручен тим за одличните резултати што ги постигнуваат сите овие изминати години.
Органодарителството претставува едно од најголемите достигнувања во медицината. Органодарителството спасува животи и горд сум што свесноста и важноста сѐ повеќе се зголемува. Продолжуваме да водиме вистинска грижа за пациентите и за здравствените работници, изјави министерот Меџити.