Откако новинарот Саше Димовски се соочи со ампутација на ногата, на која и претходеа пет операции во период од само пет месеци, Комисијата за мобилност донела одлука дека нему не му следува додаток во висина од седум илјади денари. Одлуката, како што објаснува тој за еден од македонските електронски медиуми, Комисијата за мобилност ја темели на оскудната документација од лекари од јавното здравство и фактот дека не бил во инвалидска количка.
Тој е револтиран од нивниот однос и начинот на кој работат и донесуваат одлуки кои ги засегаат можеби едни од најтешкио болните пациенти во државата. Членови на комисијата се докторите Илир Шабани, Иљиса Вејсели и Шенај Рустеми Селами, назначени од министерот за здравство Беким Сали. Тој објаснува како работи Комисијата.
– Закажувањето на Комисијата оди преку матичен лекар. Комисијата работи само во вторник и четврток, од 16 до 18 часот. Приемот трае три минути. Ете толку. Кога бев јас имаше околу 30 луѓе кои чекаа да бидат примени. Што да се направи во тие три минути? Јас донесов отпусна листа од последната операција и документ од првата извршена контрола. Имам еден тон докуменнтација и тоа лекарите во Комисијата, ако сакаат, можат во истиот момент да го видат, доволно е само да отворат „Мој термин“, бидејќи таму стои се запишано. Сите мои операции на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, сите преврски, контроли…Но, лекарите од Комисијата тоа не го сторија. Само ги предадов докумените кои ги носев со себе, тие констатираа дека не сум во инвалидска количка и толку траеше прегледот. Ми рекоа ќе добиете известување. И ете, добив, после два месеци чекање, дека сум одбиен бидејќи сум имал оскудна документација од лекари од јавно здравство и не сум бил во инвалидска количка, вели во својата реакција Димовски.
Тој е огорчен на одност бидејќи ако лекарите побарале дополнителна документација тој можел да им ја обезбеди.
– Ги чекам 70 дена за решение. Одењето на таа комисија чини 1.250 денари, а те гледаат три минути. Да сакаа, можеа да отворат во Мој термин и оттаму да го видат целото досие, 33 дена бев на Клиниката за пластична хирургија. Рекоа дека решението ќе стигне за 10 дена, ама ете плус уште 60 дена почекав, посочува Димовски.
Димовски за пет месеци имал пет операции и ногата му е ампутирана. Се движи со помош на дубак. Комисијата за мобилност, која е составена од двајца ортопеди и еден физијатар е во Клинички центар и пристапот дотаму е многу отежнат.
Здружението на новинарите на македонија (ЗНМ) и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) минатата недела упатија апел за помош на новинарот Димовски, кој за да прооди повторно потребна му е протеза.
– И тука е апсурдноста на целата ситуација со Комисијата за мобилност која бара пациентот да биде во инвалидска количка. Јас не смеам да си дозволна да ‘залегнам’. Посетувам интензивна физикална тераприја, ногата мора да биде во форма за протезата која теба да ја ставам. И таа протеза потебно е Комисија да ја одобри, да се увезе од Германија, да се царини и потоа да се регистрира во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), вели Димовски, кој очекува до крајот на јануари да ја има протезата која многу ќе му го подобри квалитетот на животот.