Почнува трката за нови летови и за нови државни субвенции од двата македонски аеродроми во Скопје и Охрид. Договорот за воведување нови дестинации треба да биде потпишан во август со авиокомпанија што ќе биде избрана на повикот, објавен од Министерството за транспорт и врски. Но ако не биде избрана ниту една компанија, можно е земјава да остане без нискобуџетен авио превозник.

Во последниве шест години колку што се субвенционира „Визер“, од државата доби близу 10 милиони евра. Министерот за транспорт потврди дека договорот со „Визер“ завршен.

Иако власта како опозиција обвинуваше за нелојална конкуренција во авио бизнисот, до 2021 година на авиокомпанијата која ќе победи на тендерот ќе и даде пет милиони евра државна помош. Огласот важи за сите домашни и странски авиокомпании.

За секоја нова дестинација од аеродормите во Скопје и Охрид ќе се исплаќа еднократен надомест од 40.000 евра. За секој патник во заминување во првите три години за дестинации од Скопскиот аеродром, авиокомпанијата ќе добива по 9 односно 8 и 7 евра, а од Охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, односно 12 и 11 евра во втората и третата година.

Крајната цел, според надлежните е раст на авиосообраќајот и обезбедување атрактивни дестинации за граѓаните по прифатливи цени на билетите.

Компаниите што ќе аплицираат меѓу останатото треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

Инаку, Македонија е единствена земја во регионот која нема национален авио превозник.