Елизабета Петковска која има 48 години, денеска заедно со нејзините пријатели и хумани граѓани трчаа за да ги урнат институционалните и ментални преперки и да ја подигнат свеста на луѓето испраќајки ја пораката дека сите се исти.
За лицата со Даунов синдром, не треба да одвојуваме само неколку денови, тие се тука постојано покрај нас, да не живееме паралелно, туку заедно цела година, вели мајка и на Елизабета.
Таа е горда на нејзината ќерка која научила да плете и изработува сувенири со кои скромно го надополнува семејниот буџет, кој и бездруго е мал, но и разочарана што секојдневно се бори да изнајде начин со нејзината минимална пензија да и ги купи неопходните лекови
Елизабета која е прекрасна и вредна личност, ги замолува сите кои сакаат да имаат некаков плетен сувенир, да купат од нејзините изработки, за да им го поедностават нивниот живот.
Денеска во Градскиот парк над шестотини хумани граѓани трчаа и за да соберат средства кои ќе бидат наменети за доопремување на Дневниот центар на лицата со Даунов синдром. Но и да порачаат дека љубовта ги урива сите граници.
Елизабета заедно со останатите деца со Даунов синдром од Градскиот парк си заминаа со подароци и освоени медали за трката во која рамноправно учествуваа со останатите граѓани. Сите заедно ја имаа истата цел, ова заедничко трчање да не запре тука, со сигурни чекори да продолжат да се движат кон животната патека.