Тендерот за набавка на компресорите за хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје е поништен, бидејќи не пристигнала ниту една понуда, информира Јавната установа од областа на здравството за потребите на ЈЗУ УК, завод и ургентен центар-Скопје.
„Согласно роковите определени во Оперативниот план доставен до Владата на РСМ на ден 28 јуни од страна на ЕСЈН беше објавена поедноставена отворена постапка за јавна набавка на работи – набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компримитиран воздух, оглас број 10891/2024. Крајниот рок за доставување на понуди беше 15 јули до 11 часот. Проценетата вредност на постапката беше 18 644 068 денари без ДДВ“,
велат оттаму.
Во тендерската документација била предвидена задолжителна посета на локација заради важноста на самата набавка за здравјето и безбедноста на пациентите.
„Посета на локацијата побараа три економски оператори и на истите им беше овоможено посета на локација. За нас од непознати причини, до денот на отварање на тендерот не е пристигната ниту една понуда“,
информираат од Јавната установа од областа на здравството за потребите на ЈЗУ УК, завод и ургентен центар-Скопје.
Оттаму денеска донеле одлука за поништување на постапката, за што биле информирани владата и Министерство за здравство, од каде биле побарани понатамошни насоки за постапување.
На 1 јуни министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите за хируршките сали и изрази надеж дека проблемот би можел да се реши до крајот на декември годинава, кога компресорите би биле ставени во функција.
„Полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар. Веќе е објавен тендер за компересорите кои не работат. Максимум времето до кога треба да се поправи и да се завршат и да се вратат во функција се надевам дека ќе биде крајот на декември. Во меѓувреме ќе инсистираме доколку може што поскоро да заврши да бидат функционални салите на Хирургија во Клиничкиот центар“,
рече тогаш министерот за здравство.
Инаку, за потсетување, централниот систем за кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар е надвор од функција од 18 мај поради непријатниот мирис кој се ширел од него.
Досегашната заменик-министерка за здравство Маја Манолева на почетокот на овој месец информира дека на седница на тогашната техничка влада биле донесени заклучоци со кои Владата им укажува на јавните здравствени установи, клиники, Заводот и Ургентниот центар да ја заменат опремата на централната компресорска станица со нова. Било укажано и на замена на инсталацијата и дислокација на централната компресорска станица.
Неколку дена претходно Манолева донесе наредба сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали да почнат со работа со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.