За целосно нова компресорска станица како и замена на инсталацијата во Клиничкиот центар ќе бидат потребни околу 455 илјади евра, а сето тоа би траело околу шест месеци. Ова е проценката на Службата за општи и заеднички работи, која подготви оперативен план и го адресираше до Владата за проблемот со операционите сали на хируршките клиники.

Од службата велат дека за целосно нова станица претстојат низа активности кои треба да се преземат , барање согласност од универзитетските клиники за вклучување во групна набавка, подготовка на тендерска документација, евалуација на понуди, рокови на жалба, набавка и монтирање, пробна работа па дури потоа пуштање во употреба на станицата.

По добивање на согласност од Владата на предлог оперативниот план и добивање на согласност од Јавно Здравствените Установи – Универзитетски Клиники во Комплекс Клиники Мајка Тереза Скопје за вклучување во групна набавка и здружување на средства, Јавната установа од областа на здравството ќе пристапи кон реализација на горенаведените активности.

Од службата дополнително уверуваат дека прозиводството на компримиран воздух и негова испорака до сите клиники кои се поврзани во мрежата е континуирано и без застој, додека пак за резултатите од мерењата кои ги правеа странски експерти се уште се чека.

На ден 03.06.2024 година од страна на стручен тим од претставништвото на германската фирма Дрегер, од Република Србија беа земени примероци од компримираниот воздух во потстаницата за компримиран воздух, потрошнитеместа во операционите сали и интензивна нега. Во очекување сме на писмениот Извештај од стручните лица од Република Србија.

Во меѓувреме проблемот со операционите сали трае речиси цел месец, а хируршките клиники и натаму работат со намален интензитет.