Во текот на вчерашниот ден се одржа конференција со наслов „Подобрување на пристапот до лекови за сите”, на која свое обраќање имаше заменик министерот за здравство Владимир Рендевски. На конференцијата беше истакнато дека пристапот до лекови во земјава не е еднаков за сите пациенти, што особено дојде до израз по пандемијата со Ковид-19.
Процентот за здравствено осигурување со години наназад е намален и споредено со соседните земји е многу поголем, иако платите во овие држави се повисоки од оние кај нас, со што во овој дел ние се наоѓаме на дното, истакна заменик министерот за здравство Владимир Рендевски.
Заменик министерот за здравство Рендевски во своето обраќање пред присутните во однос на состојбата со здравствениот систем се осврна на два сегмента – можностите за подобрување на пристапот до лековите за сите пациенти и одржливото финансирање на здравствениот систем во државава.
Заменик министерот оцени дека се потребни строго одредено пропишани критериуми за давање на лекови, како и усогласеност на здравствената каса со современите европски лекови, со цел воспоставување одржлив здравствен систем.
На конференцијата присуствување и првата дама Елизабета Ѓоргиевска која порача дека фундаменталното човеково право на здравствена заштита подразбира непречен пристап кон неопходните лекови, меѓутоа во нашата држава лековите честопати се скапи споредено со животниот стандард. Според неа, долгорочното решение на овој проблем подразбира воспоставување систем за редовно ажурирање на позитивната листа на лекови, нов Закон, нова уредба, па и овозможување на посебни договори за иновативни лекови.
Драган Давитков, директор на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам), која беше организатор на настанот на инцијатива на Комитетот за здравствена заштита при АмЧам, беше дециден дека здравствените политики мора да бидат приоритет на секоја Влада.