Од следната недела ќе почне да се спроведува проект за поддршка, менторирање и зајакнување на вештините на лица од ранливи категории приматели на гарантиран минимален приход, кој има за цел да ги поддржи да се вклучат на пазарот на труд, но и да останат таму, а не да се вратат во системот за социјална заштита.
Додека трае периодот на мотивација, поддршка, менторирање и обуки тие и натаму ќе го добиваат гарантираниот минимален приход. Лицата ќе престанат да го користат овој приход од државата кога ќе бидат вработени, но и натаму ќе можат да ги користат детскиот и образовниот додаток ако за тоа ги исполнуваат условите.
-Социјалната реформа значи вклучување на сиромашните или оние кои биле со години во системот за социјална заштита во систем на пазар на труд или економско зајакнување за да може самостојно да го прехрануваат своето семејство и да бидат добар позитивен модел за своите деца, рече денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Таа додаде дека нема да се оди само на директно посредување при вработување, туку дека лицата ќе добиваат социјална и психолошка поддршка да ги вратат работните навики, а ќе бидат поддржани и во текот на работата за да не се вратат во ситемот на социјална заштита.
Дека е можно вклучување на овие категории граѓани на пазарот на труд, според Царовска, говори и податокот дека само од јуни досега преку обично поврзување на центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување биле вработени 370 лица.
Министерката за финансии Нина Ангеловска смета дека вложувањето во човечкиот потенцијал, вклучително и во ранливите категории граѓани е важно и за нив, но и за самата држава.
-Изминатиот период многу малку се вложуваше во човечкиот капирал што е клучно за продуктивност и економски развој. Само ако денес почнеме да работиме, да воведуваме соодветни мерки и политики, да реформираме процеси и да ги подобруваме и образованието, социјалната заштита и здравството може да зборуваме за развој на сите граѓани и државата, рече таа.
Во таа насока, истакна Ангеловска, за догодина се издвоени најмогу средства за активни мерки за вработување. За 2020 година, рече, се издвоени 1,3 милијарда денари, што за споредба во 2017 е за една третина повеќе, а од 2016 двојно повеќе.
Според неа, мерките и политиките кои досега се преземени даваат резултати кои укажуваат дека така треба да се продолжи и во иднина. Бројот на вработени во третиот квартал годинава изнесува 47,4 отсто, а историски е најниска невработеноста која изнесува 17,1 процент. Од лани до годинава, како што рече, е зголемен бројот на вработени за над 40 илјади лица, а за 3,3 проценти е згоемен бројот на вработени млади.
-Ова укажува дека политиките особено активните мерки даваат резултати. Особено е важно вклучувањето на ранливите категории на пазарот на труд во која насока е искористување на средства од ИПА 2. Со проектот ќе бидат опфатени 1.200 лица, кои ќе можат да ја користат програмата за менторирање, советување, мотивација и секако зголемување на нивните вештини и вработливост. Преку програмата се предвидени да се остварат 400 вработувања преку субвенции каде 50 отсто од платата во првите 12 месеци ќе се исплашаат од ИПА грантот, а 50 проценти од Буџетот, рече Ангеловска.
Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска рече дека проектот ќе трае три години, период во кој, како што рече, ќе се направат обиди за доближување до овие лица.
-Заедно со центрите за социјална работа ќе се посветиме на враќање на довербата кај ранливите категории. Цел ни е да се доближиме до нив заедно да најдеме решенија да бидат вработливи и вработени. Покрај менторство, обука и мотивација, ќе ги вклучиме и во активните мерки и политики за вработување, рече таа.
За реализација на овој проект се издвоени средства во висина од 4,1 милиони евра, од кои 3,1 се грант од ИПА 2 , а останатите се обезбедени од државниот Буџет.