Државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, денеска ја отвори регионалната конференција „Заштита и економските перспективи: Поттикнување на учеството во работата на барателите на азил во Западен Балкан“, во организација на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци, МАРРИ (MARRI), во соработка со Германско друштво за меѓународна соработка, ГИЗ (GIZ).
Во своето обраќање кон присутните тој се осврна на предизвиците со кои се соочуваат барателите на азил и обврската на институциите и останатите општествени чинители да ги заштитат нивните права.
„Пред да започнеме да зборуваме за бројки, статистики, закони и процедури би сакал да истакнам дека зборуваме пред се за луѓе, за човечки приказни, за борба за живот. И секогаш кога зборуваме за барателите на азил да имаме во предвид дека зборуваме за луѓе кои ги напуштиле своите домови за подобра иднина за себе и своите семејства. Луѓе кои бегаат од прогонство, насилство и угнетување, бараат безбедност и шанса да ги обноват своите животи,“ посочи Сабриу.
Тој изрази задоволство што на конференција учествуваа и претставници од регионот, што претставува вистинска можност за дискусија и размена на искуства за унапредување на процесите преку кои барателите на азил ги остваруваат своите права.
„Во време кога се соочуваме со недостиг на работна сила поради заминувањето на наши државјани во странство, присуство на странски работници, токму барателите на азил можат да придонесат во решавањето на состојбата со недостаток на работоспособно население доколку правилно се интегрираат на нашиот пазар на труд. Покрај економските придобивки, нивното вклучување на пазарот на трудот поттикнува социјална кохезија и разбирање меѓу заедниците. Со прифаќање на различностите, поттикнуваме посилни, поотпорни општества,“ порача Сабриу.
Тој ги повика присутните но и пошироката јавност да застанат заедно во заштита на правата на барателите на азил. Застапувањето, сочувството и разбирањето се од суштинско значење.
„Наша должност е да обезбедиме секој, без разлика на нивното потекло, да најде сигурност и надеж на друго место. Нека новата надеж за подобро утре биде мојата земја или вашата.
Заедно можеме да поттикнеме создавање на поинклузивен и поотпорен регион,“ порача Сабриу.