Вкупно 3031 пензионер во Македонија земаат најниска пензија во износ од 10 276 денари. Станува збор за лицата кои правото за пензија го оствариле во 1997 година и тоа во третата група.
Според последните објавени податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) за месец април, во категоријата најниски пензии висината на месечните примања на пензионерите се движат од 10.276 до 12.911 денари. Вкупниот број на пензионери кои спаѓаат во категоријата со најниски пензии изнесува 81 427 или секој четврт пензионер во државава влегува во оваа категорија.
Најбројни корисници, пак на најниски пензии се оние што оствариле право на пензија по 2002 година, нивниот број е 66,970. Од нив, 43,905 земаат пензија малку над најмалата, односно 10.791 денар.
Во април вкупниот број на пензионери изнесувал 326 645. За разлика од пензионерите со најниски пензии кои се 25% од вкупниот број на пензионери во земјава, процентот на пензионери кои уживаат во најголемите пензии е само 0,4 отсто.
Во бројка тоа изнесува 1,348. Во оваа група висината на пензиите се движи од 41.724 денари до највисоката 60.294 денари. Од нив, најмногу 871 пензионер земаат пензии во висина од 43.465 денари. Највисоката меѓу максималната пензија (60.294 денари) што почна да се исплаќа од март ја земаат 23-ца пензионери.
ПИОМ во април пресмета бројот на пензионери се зголемил за 596 лица. Просечната пензија во четвртиот месец изнесувала 16.339 денари.
Од вкупниот број на пензионери 325 653 добиле пензија врз основа на работно право, 924 се запишани како воени пензионери и 68 лица се корисници врз основа на земјоделско право. Најниска просечна пензија е земјоделската 8.484 денари, највисока воената од 23.572 денари.