Во петок 20 декември во хотел Центат во Скопје ќе се одржи семинар на тема Децата со аутизам во детските градинки, соопштуваат од Здружение за унапредување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушување „Сина Светулка“ – Скопје.

На семинарот вработените во детските градинки ќе се стекнат со знаења за децата со АСН, ќе ја разберат состојбата во која се наоѓаат, ќе ги откријат причините за нивното однесување при што ќе можат да комуницираат и да изградат квалитетна социјана интеракција со учениците со АСН.

Темите кои ќе бидат обработени на семинарот се следниве: Карактеристики на деца со АСН; Комуникација, интеракција и социјални вештини кај децата со АСН; Сетилата кај децата со АСН; Структура, распоред и системи за работа со децата со АСН

Пријавување и информација може да се добијат и на електронска пошта: contact@autism.mk. Износ за котизација по учесник: 800 ден, а траењето на семинарот е од 16:00 – 20:00 часот. Доколку од вашата институција се пријават најмалку 25 учесници истата може да да се реализира во вашата институција или во вашиот град, стои во соопштението.

Предавач на семинарот е Д-р Јасмина Трошанска, дефектолог со 16 годишно теоретски и практично искуство во работата со деца со аутистичен спектар на нарушување. Таа има завршено ѝ курс по Монтесори педагогија за деца на возраст од 3-6 години. Во текот на својата работа има посетувано обуки за современите евалуирани третмани на деца со аутистичен спектар на нарушување: ABA, PECS, TEACCH, Brain Gym и Сензорна интеграција. Исто така, има посетувано и учествувано со сопствени трудови на голем број на конференции во земјата и странство. Се појавува како автор и ко-автор на 14 трудови кои се издадени во Р. Македонија и во странство. Од 2010 година активно работи на 2 Европски проекти, држи обуки, учествува на трибини, телевизиски емисии, пишува во медиумите и се бори за подигнување на свесноста за аутизмот во општеството.