Комисијата од Клиниката за детски болести утре треба да го расчисти случајот со тримесечното бебе од Сарај за кого семејството обивнува дека е повредено од здравствен работник на одделот за имунологија. Медицинската сестра ќе ја каже и својата страна на приказната која предизвика бурни реакции во јавноста со објавување на снимки од доенчето кое има модринки по раката.
Помош и поддршка сестрата доби и од Синдикатот на Клинички центар чиј член е, од каде посочуваат дека не смее да се обвинува никој пред да се докаже вина, да не се прават приказни на етничка основа и тоа на грбот на медицинските лица. Нема да дозволат да се гази достоинството на македонските здравствени работници.
– Јавно повикуваме и на инспекцискиот и стручниот надзор да утврдат дали има пропусти во стручната работа на медицинската сестра, и согласно извештаите доколку се во корист на медицинскиот персонал, да се поведе постапка против сите лица кои јавно, навредуваа и спроведуваа политички дневни агенди, стои во реакцијата на Самостојниот синдикат на Клинички.
Медицинската сестра од Детска доби поддршка и од свои колешки. Снежана Исаковска која со децении работи на Клинички реагира на отсустноста на фелата.
-Не верувам дека здравствен работник може намерно да нанесе повреди на тримесечно бебе. Ме загрижува индиферентноста на здруженијата на медицински сестри, техничари и акушерки. Сега во овој момент требаше да преземат некакви чекори, да излезат со некакви изјави- Ако колешката е виновна нека докаже формираната Комисија, а ако не е виновна, досега никој не излезе јавно да каже дека треба да се сопре со овие напади на медицинск исестри и сите здравствени работници, затоа што сите се чуствуваат загрозени со вакви ситуации и фрапирани што може да ни се случи, вели Снежана Исаковска, медицинска сестра и член на ЗМСТАМ
Иако на социјалните мрежи имаше ставови дека бебето има тромбоцитопенија која предивикува подливи и модринки, директорот на Детска вели дека тие сомнежи биле отфрлени при приемот на клиниката кога биле направени анализи.
Со обелоденување на случајот, истиот ден министерот за здравство и директорот на Детска го посетија семејството во Сарај. Таравари кажа ако има вистина во обвинувањата, ќе има и санкции.