На Скопје му се заканува епидемија на жолтица откако за неполни три месеци заболеле 60 лица. Професор и 14 ученици од неколку скопски училишта се дел од заразените со хепатит А. Болеста е регистрирана во речиси сите општини во главниот град, а Сарај е на врвот со дури 14 заболени. 9 заразени има во Ѓорче Петров, 8 во Гази Баба и 7 се од Аеродром. Од скопскиот Центар за јавно здравје велат дека изворот на зараза не се училиштата, но имаат засилен надзор овој период со вонредни препораки до образовните установи за дезинфекција на просториите. На Инфективна клиника во моментот има 17 хоспитализирани пациенти со заразна жолтица од кои 10 се деца.

Од Инфективна клиника велат дека немаат заболени со сериозни компликации, но возрасните потешко ја прележуваат заразата од децата. Хепатит А е болест на нечисти раце и според инфектолозите личната и колективна хигиена е основна превенција од жолтица. Тие посочуваат дека пациентите кои се во фаза на инкубација, односно не се пожолтени можат да ја шират заразата, па затоа порачуваат дека најдобра превенција е миењето раце со вода и сапун.

За хепатит А постои вакцина, но не е задолжителна. Инаку, во главниот град во 2014 година имаше епидемија од заразна жолтица која заврши со повеќе од 500 заболени.