Денеска во собранието на седница се расправаше за Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, а во дебатата пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ упатија меѓусебни обвинувања за состојбата со загадувањето.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези образложи дека целта на предложената одлука е да се субвенционираат граѓаните за набавка на инвертер клима уреди со високи перформанси во Град Скопје, Битола, Тетово и Кичево во износ од 620 милиони денари.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочија дека три години се гледаат неуспешните обиди на власта за да се регулира или да се намали загадувањето во државата. Со ова, истакнаа, не се решава загадувањето и од оваа мерка нема да добијат ништо учениците, трудниците, луѓето со срцеви проблеми, пензионерите, туку само партиските активисти во овие четири општини.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е уште еден од низата непопуларни и против-уставни закони кои не се во интерес на граѓаните. Посочи дека се изделуваат само четири општини кои, како што рече, би имале привилегии и предложи да се повлече ова законско решение.

Хари Локвенец од СДСМ во реплика рече дека се определуваат мерки за сите граѓани во државата, а за тоа зошто не е во оваа група градови и Прилеп информира дека во подготовката на буџетот за следната година се предвидени четири милиони денари за субвенционирање инвертер клими.

Во дискусијата пратениците на  ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека се работи за популистичка мерка, инстант решение пред избори, за предизборна манипулација на граѓаните. Сметаат дека е потребен сериозен пристап за оваа тема, да се направат план и програма, да се зголеми капацитетот на институциите кои се занимаваат со загадувањето. Власта, според нив, е неспособна, дискриминира, потфрлила во сите сфери, а најмногу во екологијата и во аерозагадувањето.