И покрај големиот број популарни диети, никој не успеал трајно да се ослободи од вишокот килограми благодарение на нив. Затоа ги нарекуваат јојо-диети – бидејќи по нивното завршување обично враќаме повеќе килограми отколку што сме загубиле.
Зошто? Имено, за време на диетата се откажувате од нездравите, но и од здравите намирници. Можеби губите килограми, но нервозни сте, гладни и незадоволни. И кога ќе стигнете до саканата бројка? Пак продолжувате да го јадете сето она што сте го јаделе пред диетата и повторно ќе се здебелите. Но имаме добра вест!
Ако навреме ги сфатите вашите потреби, доколку го слушате своето тело и ја користите пирамидата на исхраната, во чија основа се наоѓаат овошје и зеленчук, мешунки, житарки, па додадете малку продукти од животинско потекло, здрави маснотии, а на крајот, како круна на диетата – малку се засладите – наскоро нема да имате проблеми со линијата.
За да постигнете енергетска рамнотежа, која се менува од ден на ден, според официјалните препораки – јаглехидратите треба да сочинуваат повеќе од половина од дневната доза калории, односно од 55 до 65 отсто.
Јаглехидратите ги делиме на неколку групи: моносахариди (гликоза, фруктоза, галактоза), дисахариди (сахароза, лактоза, малтоза), олигосахариди (мешунки), сварливи полисахариди (скробни намирници) и несварливи полисахариди (влакна), а сите нив организмот ги користи како погонско гориво дури откако ќе ги разгради до молекули на гликоза, која е основната метаболичка единица на нашиот организам.
Значи, исфрлувањето на шеќерите од исхраната е нелогичен потег – но важно е од кој извор ги земате.
Исто така, покрај јаглехидратите, мора да ги внесувате и калориите што му ги обезбедуваат градивните елементи на организмот, па се препорачува консумирање 30 отсто протеини, како и резервни маснотии (некои витамини се растворливи исклучиво во масти!), кои во исхраната треба да бидат застапени до 15 отсто.
Прв чекор – контрола на калориите
Сè што ви е потребно е малку математика. Ако се препорачува дневно да се консумираат 2.200 калории, тогаш од таа бројка треба да одземете 500 калории дневно. Кога ќе помножите со седум дена во неделата, се добива минус од 3.500 калории, што е еднакво на половина килограм помалку од телесната тежина.
За да продолжи вашето тело да согорува калории, добро би било еден ден да „исечете“ 600 калории од исхраната, а утредента само 400. На тој начин ќе симнувате половина килограм неделно, кој нема да го вратите по завршувањето на диетата.